• петок, 22 ноември 2024

Речиси 50 отсто од конзервативците во Велика Британија поддржуваат национализација на енергетскиот сектор

Речиси 50 отсто од конзервативците во Велика Британија поддржуваат национализација на енергетскиот сектор
Лондон, 29 август 2022 (МИА) - Речиси половина од гласачите на владејачката британска Конзервативна партија, поддржуваат национализација на енергетската индустрија, со тоа заговарајќи поништување на приватизацијата што ја спроведе Маргарет Тачер, покажуваат податоци објавени денеска. Владата е соочена со сè поголеми повици да усвои нови мерки за да им помогне на Британците со плаќањето сметки. Регулаторот Офгем минатата недела најави дека во новата сезона на греење, домаќинствата ќе плаќаат 80 отсто повисока цена на енергијата, од некои 3.549 фунти или 4.200 евра годишно во просек. Анкетата ЈуГов покажа дека 47 отсто од оние кои моментално на следните избори планираат да гласаат за конзервативците, поддржуваат враќање на енергетските компании во јавна сопственост. Против оваа идеја се изјасниле 28 отсто од испитаниците, а 25 проценти не се сигурни што е подобро, покажаа податоците од анкетата, нарачана од Тајмс. Национализација би поддржале 53 отсто од анкетираните кои на последните избори, во 2019 година, гласале за конзервативната политичка опција. Британските снабдувачи со енергија пред повеќе од 30 години ги приватизираше конзервативната премиерка Маргарет Тачер. Лабуристите под водство на Џереми Корбин се залагаа за национализација, но, новиот лидер Кир Стармер смета дека парите треба да бидат насочени кон помош на граѓаните. Министерката за надворешни работи Лиз Трас, фаворитка во трката во Конзервативната партија за преземање на премиерското столче од Борис Џонсон, изјави оти преферира намалување на данокот место директна финансиска помош на граѓаните во кризата со високи животни трошоци. Анкетата на ЈуГов, спроведена минатите вторник и среда, пред регулаторот да ги објави новите цени на енергијата, покажа оти 55 отсто од испитаниците ќе бидат принудени да го намалат, односно да го ограничат греењето во наредните месеци. Од анкетираните, 21 отсто признаа дека нема да може да го стоплат својот дом, „освен во многу ограничен опсед“, а пет проценти сметаат оти воопшто нема да можат ни да си го дозволат тоа. бд/сд/

Остани поврзан