• среда, 25 февруари 2026

Речиси целосно исполнет капацитет на Домот за стари лица во Куманово

Речиси целосно исполнет капацитет на Домот за стари лица во Куманово

Куманово, 5 февруари 2026 (МИА) - Јавната општинска установа „Зафир Сајто“ Куманово влегува во 2026-та година со речиси целосно исполнет капацитет и планови за инвестиција, соопштија на денешната прес-конференција, надлежните од установата. Домот располага со капацитет од 175 места, а бројот на корисници постојано се движи близу максимумот. Во моментов се згрижени околу 170 лица, а слободните места се пополнуваат веднаш по нивното ослободување.

-Практично секој месец имаме по еден до два нови приеми, зависно од тоа колку места ќе се ослободат. Потребата е голема, што укажува дека не само нашиот дом, туку и во други општини треба да се размислува за изградба на нови капацитети, за да може системот целосно да одговори на потребите на граѓаните, изјави директорот на установата, Дејан Стојановски.

Годинава, раководството очекува значајни инвестиции, особено во делот на геријатријата.

- Во фокусот повторно ќе биде квалитетот на услугите и унапредувањето на постојните капацитети. Она што е особено важно е што сме на прагот на потпишување европски проект за прекугранична соработка, заедно со партнер од Врање, Србија. Со тој проект ќе се реконструира и целосно ќе се опреми делот за геријатрија, што беше еден од послабите сегменти во изминатите години, рече Стојановски.

Реконструкцијата ќе опфати едно крило од домот со околу 13 соби и капацитет до 30 корисници.

Реконструкцијата ќе се одвива етапно. Ќе мора да правиме внатрешни прераспределби на корисниците, но ќе најдеме начини процесот да се одвива без нарушување на грижата. Очекуваме работите да започнат од средината или кон крајот на годината, изјави Стојановски.

Претходната 2025, раководството ја оценува како финансиски стабилна година, со целосно исполнет капацитет, што е пракса изминативе години.

И покрај стабилната работа, домот со години се соочува со недостиг од стручен кадар и негувателки, проблем кој, според директорот, е системски и присутен и во други установи од овој тип.

- Прашањето за вработувања е горливо и трае повеќе од шест – седум години. Иако добивме одреден број согласности пред и по ковид-периодот, тоа не беше доволно, бидејќи во меѓувреме дел од колегите заминаа во пензија или ја напуштија институцијата. Постојано сме под потребниот норматив во однос на бројот на корисници, посочи Стојановски.

Најпотребен е кадар кој директно работи со корисниците, негувателки и медицински персонал, како социјални работници, работни терапевти, физиотерапевти

Домот, кој уште од 2011 година е приклучен на гасоводната мрежа, во моментов целосно се грее на гас, по периоди кога поради кризи било потребно комбинирање со нафта.

- Гасот е едно од најдобрите решенија за греење, и за институции и за домаќинства. Имаше периоди, особено за време на ковид-кризата, кога комбиниравме со нафта, но сега повторно целосно се грееме на гас. Се загреваат околу 3.300 квадратни метри, а условите за престој се пријатни“, истакна Стојановски.

И покрај притисоците во повеќе општини за зголемување на цените за сместување во вакви установи, од Куманово засега не најавуваат ново поскапување.

Цената во нашиот дом и понатаму е меѓу најниските во државата. Имавме едно покачување веднаш по ковид-периодот, што тогаш беше непопуларно, но ни овозможи финансиска стабилност. Денес институцијата нема финансиски проблеми. Во 2026 година сигурно нема да има ново покачување. За понатаму ќе одлучуваме зависно од пресметките и економските услови“, изјави директорот. ам/

Фото МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан