• петок, 22 ноември 2024

Двојно зголемување на бројот на претставки до КСЗД – сексуалната ориентација и етничката припадност меѓу најчестите основи за пријава

Двојно зголемување на бројот на претставки до КСЗД – сексуалната ориентација и етничката припадност меѓу најчестите основи за пријава

Скопје, 21 мај 2024 (МИА) — Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) бележи двојно зголемување на бројот на претставки во однос на минатата година, покажува Годишниот извештај за работата на Комисијата за 2023 година. Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување остануваат најчестата основа за пријава на дискриминација.

Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Игор Јадровски, на денешната презентација на Годишниот извештај истакна дека, иако се забележува зголемена видливост на Комисијата како адреса на која граѓаните бараат заштита на своите права, степенот на запознаеност на граѓаните за надлежностите на КСЗД е низок.

– Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година, што веројатно говори дека Комисијата добива на видливост, дека граѓаните се поинформирани и дека институцијата можеби добива уште повеќе на доверба. Забележуваме тренд на поистоветување на истите области на дискриминација претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работата, работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги, во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои што се пријавува дискриминацијата, истакна Јадровски.

Во споредба со 2022 година, вели Јадровски, има тренд на намалување на дискриминацијата врз национална и етничка припадност, но пораст на случаите на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и етничкиот родов идентитет.

Предизвиците со кои се соочува Комисијата се намалените човечки капацитети. Јадровски упати апел до законодавниот дом, како и останатите надлежни институции, да имаат слух за лимитираниот буџет на Комисијата и континуираното прекршување на нејзината финансиска независност.

– Апелирам пред се Собранието, кое што го гласа буџетот, меѓутоа и останатите надлежни институции да имаат слух за нашите предизвици. Комисијата иако имаше квантитативно и квалитативно повеќе работа во 2023 година во споредба со 2022 година, работевме со намалени човечки капацитети во 2023 година. Комисијата се уште останува со прилично лимитиран буџет и континуирано се прекршува финансиската независност на Комисијата, изјави Јадровски. ра/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан