• петок, 05 декември 2025

Рекордни 230 мостри за дегустација во рамките на меѓународниот фестивал „Тиквешка ракијада"

Рекордни 230 мостри за дегустација во рамките на меѓународниот фестивал „Тиквешка ракијада

Кавадарци, 3 јуни 2025 (МИА) - Рекордни 230 мостри се пристигнати за дегустација во рамките на меѓународниот фестивал „Тиквешка ракијада". Денеска започна дегустирањето и оценувањето на доставените примероци, од страна повеќечлена интернационална комисија составена од стручни лица. Трета година по ред, организатор на манифестацијата е здружението за промоција на производи од грозје и вински туризам, „Ж'та-Македонски ракијари". 

- Радува фактот што расте интересот за учество на овој фестивал, како кај домашните, така и кај странските произведувачи на алкохолни пијалаци, рече за МИА, Панче Арсовски, претседател на здружението. 

Нермина Спахо,  професор доктор на Земјоделско прехранбен факултет во Сараево и член на жири, рече дека генерално, квалитетот на мострите е добар и немаат грешки. 

Даворка Ѓукиќ Ратковиќ како доктор за јаки алкохолни пијалаци од Бања Лука која работи за дестилерија, посочи дека досега пробаните примероци се со доста добар квалитет. 

- Инаку, квалитетот на македонските јаки алкохолни пијалаци е многу добар. Мене ми е задоволство да оценувам овде во Кавадарци, подвлече таа за МИА. 

Зоран Вараѓанин  член на комисијата за оценување кој доаѓа од Србија, истакна дека има многу добри, квалитетни  мостри. 

- Бевме овде и минатата година и можеме да заклучиме дека секоја нова година, квалитетот е подобар, нагласи тој. 

Јожеф Пулаи,  член на жири комисијата кој оценува и доаѓа од Војводина,  исто така подвлече дека квалитетот на доставените мостри напредува од година во година. 

- Апсолутно сум задоволен од квалитетот на ракиите што ги дегустираме и оценуваме. Произведувачите се исклучително добри, постојано учат и ги спојуваат традицијата со науката. Многу е јака и организацијата на овој фестивал, манифестација организирана на исклучително високо ниво, изјави Пулаи.

Професор доктор Михаил Петков од Факултет за земјоделски науки и храна од Скопје, исто како и неговите колеги оценувачи, рече дека има навистина добар квалитет, навистина добри примероци. 

Се дегустираат и оценуваат мостри ракии произведени од регистрирани мали дестилерии и индивидуални производители. 

- Ние како здружение на  производители и мали дестилерии за јаки алкохолни пијалаци, го организираме фестивалот по трет пат, заедно со Вински музеј за регион Тиквеш во Кавадарци, под покровителство на градоначалникот и локалната самоуправа, а со поддршка и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, појаснија организаторите на манифестацијата, а главниот настан во рамките на фестивалот, ќе се одржи на 21 јуни. 

Се оценуваат лозова жолта до три години и постара, лозова бела и мастика, овошни ракии од слива, диња, кајсија и крушка, ликери, џинови и други специјални ракии. За повеќе од седум пристигнати мостри на одреден вид ракија, се формира и посебна категорија за оценување. 

Организаторот најави и награди. Инаку,  оценувањето го врши единаесетчлена комисија на сертифицирани оценувачи од земјава, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Индија.

Пристигнати се мостри од државава, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Бугарија, Словачка, Полска и Унгарија и други земји. свд/


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан