• петок, 05 декември 2025

Рекорден интерес за 22. Меѓународен салон за стрип „Велес 2025“ – 396 автори од целиот свет

Рекорден интерес за 22. Меѓународен салон за стрип „Велес 2025“ – 396 автори од целиот свет

Велес, 11 август 2025 (МИА) - Рекорден број на 396 автори од цел свет се пријавиле на годинешниот, 22. по ред, Меѓународен салон за стрип „Велес 2025“, кој свечено ќе биде отворен на 20 август во Европската куќа на млади во Велес. Од вкупниот број, дури 164 се домашни автори, што претставува значаен раст во споредба со претходните години.

Сите пристигнати дела ќе бидат разгледани од стручна жири комисија составена од стрип и ликовни уметници од Велес, а дел од нив ќе бидат изложени на отворањето. Програмскиот координатор на Стрип Центарот на Македонија – Велес, Томе Трајков, изјави дека зголемениот интерес се должи на континуираната домашна и меѓународна активност на Центарот, како и на соработката со образовни институции и ликовни педагози низ државата.

– Освен докажани стрип мајстори, особено радува појавата на нови македонски автори, кои заслужуваат афирмација и внимание. Сето тоа е резултат на соработката со училишта, ликовни студија и ангажманот на Стрип Центарот Велес, истакна Трајков.

Тој додаде дека меѓународната соработка, особено со автори од поранешните југословенски републики, Западен Балкан и пошироко, дава значаен придонес за растот на манифестацијата.

– За да го одржиме и унапредиме овој тренд, потребна е и поголема финансиска поддршка – како за наградниот фонд, така и за овозможување присуство на наградените автори и составување жири од меѓународни стрип уметници, додаде Трајков.

Меѓународниот конкурс за стрип и Меѓународната стрип колонија се два клучни дела од програмата на Салонот „Велес 2025“, кои се поврзани, но засебни проекти, поддржани од Министерството за култура и туризам и Општина Велес. ад/дма/

 
Фото: СЦМ- Велес

Остани поврзан