• петок, 04 октомври 2024

Рекорден број учесници на јубилејниот 20. Виз Ер Скопски маратон

Рекорден број учесници на јубилејниот 20. Виз Ер Скопски маратон

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) – За јубилејниот 20-ти „Виз Ер Скопски маратон“ пријавени се рекордни 13.400 учесници од 55 земји. Ова на денешната прес-конференција го соопшти Кире Синадиновски, директор на маратонот. 

- Срушен е бројот на учесници од 2019 година кога имавме 12.450 натпреварувачи. Големо зголемување бележиме од минатата година кога имаше 11.000 учесници. Интересот е огромен и од домашните и од странските тркачи, додаде Синадиновски.

Најмасовниот спортски настан во Македонија годинава е поддржан од министерството за спорт.

- Како ресорен министер можам да кажам дека од денес па натаму, барем додека јас сум министер, овој маратон ќе ја има поддршката затоа што негуваме исти вредности, вредности по кои сакаме да се водиме ние во министерството и да бидеме пример во општеството. Верувам дека маратонот ќе биде успешен како и претходните, рече Борко Ристовски министерот за спорт.

Виз Ер Скопски маратон 2024 ќе се одржи в недела со почеток во 8 часот. Предвидени се маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5 километри.

Стартните пакети натпреварувачите ќе можат да ги подигнат утре и в сабота. 

Од македонските маратонци своето учество го пријави и Дарио Ивановски, најдобриот наш маратонец кој успеа да закрепне од повредата здобиена на Олимпијадата во Париз. зс/

Фото: МИА

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан