• понеделник, 23 декември 2024

Редовно законско ажурирање на регистрите на професионални сметководители

Редовно законско ажурирање на регистрите на професионални сметководители

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), согласно своите законски надлежности, и оваа година спроведува процес на редовно ажурирање на регистрите на сметководители, овластени сметководители и правни лица кои вршат сметководствени работи.

Процесот, како што информира, ќе трае до 20 декември, до кога сите физички и правни лица кои вршат сметководствени работи ќе треба да ги достават податоците и евентуалните промени, при што задолжително треба да ги исполнат условите предвидени во одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи. По завршувањето на ажурирањето на податоците, согласно своите законски надлежности, ИСОС ќе изврши проверка на веродостојноста на доставените податоци и потоа истите ќе ги впише во соодветните регистри.

-Од исклучителна важност за нас, за сметководствената фела, како и за бизнис заедницата е да имаме прецизни податоци за тоа колку физички и правни лица вршат сметководствени работи, бидејќи на тој начин значително се намалува просторот за нелојална конкуренција и се зајакнуваат механизмите за заштита на професијата. Ги повикувам сметководителите навремено и точно да ги ажурираат нивните податоци согласно Законот, бидејќи ова е важно за заштита на интегритетот, стручноста и квалитетот на извршување на професијата, вели претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Податоците кои се дел од регистрите на ИСОС се разменуваат со Централниот регистар на РСМ со што се зголемува транспарентноста во финансиското известување. Истовремено, на деловните субјекти им се овозможува прецизна информација за сметководителите и овластените сметководители кои можат да вршат сметководствени работи, вклучувајќи ги и тие што имаат право да потпишуваат годишните сметки и останати документи за финансиско известување. Со тоа се создаваат услови за унапредување на деловното работење, имајќи ја предвид големата одговорност што ја имаат професионалните сметководители во делот на водењето и евиденцијата на сите финансиски текови.

ИСОС прв пат ги размени податоците со Централниот регистар во декември минатата година, при што процесот покажа значителен успех и придонесе кон точноста и објективноста на финансиските податоци кои сметководителите ги поднесуваат за деловните субјекти. мч/аа/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан