Регулирано коритото на Осојница, активности и во градот
- Речното корито на реката Осојница кај мостот пред влезот во селото Виничка Кршла е исчистено и регулирано, со што се решава децениски проблем на барање на жителите.
Виница, 22 декември 2025 (МИА) - Речното корито на реката Осојница кај мостот пред влезот во селото Виничка Кршла е исчистено и регулирано, со што се решава децениски проблем на барање на жителите.
Со стабилизацијата на овој потег значително е намален притисокот врз столбовите на мостот, а воедно е отстранета и опасноста од евентуални штети и поплави на бунарите за водоснабдување кои се наоѓаат во непосредна близина.
Паралелно со овие активности, по подолг временски период започна и кастрење на дрвјата долж булеварот „Маршал Тито“ во Виница.
Според најавите, ќе се врши и целосно сечење на стари и проблематични дрвја, по претходна проценка и решение издадено од надлежната Комисија за сечење на дрвја на јавно-прометни површини.
Како што истакна градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, овие активности се дел од континуираните напори за зголемување на безбедноста, заштита на инфраструктурата и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.
Од ЈП „Солидарност“ информираат дека кастрењето и сечењето на дрвјата се сложени и долготрајни операции, поради што се апелира до граѓаните за разбирање, а особено до возачите за внимателност и трпеливост, како и да не ги паркираат своите возила на локациите каде што се изведуваат работите. ис/вј/
Фото: Општина Виница