• среда, 05 март 2025

Регионална конференција за родово-базирано насилство во контекст на миграциите

Регионална конференција за родово-базирано насилство во контекст на миграциите

Скопје, 5 март 2025 

Миграцијата не е родово неутрална. Социјалните норми, законските рамки и пристапот до заштита ги обликуваат миграциските искуства, ризиците и ранливостите. Многумина кои бегаат од конфликт или тешкотии се соочуваат со експлоатација, трговија, принудна работа и насилство, честопати без поддршка. Регионалниот, мултисекторски пристап е од суштинско значење во справувањето со родовото насилство (РН) во миграцијата.

Во таа насока, Hilfswerk International во соработка со Регионалниот центар на Регионалната иницијатива за миграција, азил, бегалци (MARRI), организираше Регионална конференција за родово-базирано насилство во контекст на миграциите, која се одржува од 5-6 март 2025 година во хотел Александар Палас во Скопје. Конференцијата ќе послужи како платформа за дискусија за родово чувствителни и родово одговорни пристапи за спречување и решавање на РН, имајќи ги предвид уникатните ранливости со кои се соочуваат луѓето во движење, барателите на азил и бегалците.

Со воведни обраќања конференцијата ја отворија Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Симона Крстевска, в.д. директорката на Регионалниот центар на МАРРИ и Енаида Хаџиќ, Регионален проект менаџер во Hilfswerk International.

Во своето обраќање, г. Јанев истакна дека Министерството за внатрешни работи и полицијата на Република Северна Македонија вложуваат големи напори како во градењето на капацитетите на институциите така и во давање подршка на жртвите на РН преку едукација, воведување на нови модели на работа и згрижување на жртвите. ‘Потребен е отворен дијалог и соочување со проблемите како би дошле до соодветни решенија¨додаде г. Јанев.

„Оваа конференција е повеќе од само средба на експерти, креатори на политики и засегнати страни. Тоа е повик за акција - простор каде што можеме да се соочиме со реалноста на родово засновано насилство во миграцијата, да споделуваме знаење и да работиме заедно кон одржливи решенија“ – истакна г-ѓа Крстевска во своето обраќање.

Од своја страна, г-ѓа Хаџиќ ја истакна важноста на регионалната соработка, истакнувајќи: „Верувам дека оваа конференција ќе придонесе за понатамошна размена на искуства и зајакнување на нашата заедничка посветеност во управувањето со миграцијата на начин што е праведен, хуман и во согласност со меѓународните стандарди, како и ќе донесе вредни сознанија и конкретни препораки кои ќе не водат кон поинклузивни и поефикасни политики“.

Клучни експерти и креатори на политики од целиот Западен Балкан ќе придонесат во дискусиите насочени кон обликување на политики и заеднички иницијативи за подобра заштита на мигрантите од РН. Учесниците ќе ги истражат правните рамки, институционалните одговори и најдобрите практики за превенција и заштита, истовремено поттикнувајќи ја регионалната и меѓународната соработка. Дискусиите, исто така, ќе се осврнат на улогата на меѓународните организации и академијата во развојот на политики засновани на докази за РН во миграцијата, како и одговорноста на медиумите во покривањето на миграцијата и прашањата поврзани со РН.

Оваа иницијатива е дел од проектот „Зајакнување на процесите за управување со миграцијата, азил и враќање во Западен Балкан“, кофинансиран од Фондот за азил, миграција и интеграција (АМИФ) и австриското Сојузно Министерство за внатрешни работи, имплементиран од Hilfswerk International и Joint Coordination Platform (JCP).

Регионален центар на Регионалната иницијатива за миграција, азил, бегалци (MARRI)

______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки 

Фото: MARRI 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан