• понеделник, 23 декември 2024

Регионален форум: Независното и непристрасно судство е темел на демократското владеење

Регионален форум: Независното и непристрасно судство е темел на демократското владеење
Скопје, 3 септември 2021 (МИА) - Независното и непристрасно судство обезбедува заштита на сите права и слободи. Кризата предизвикана од пандемијата Ковид-19 дополнително ја нагласи важноста  на заштитата на ова начело, бидејќи ограничувањата наметнати во обидот за сузбивање на пандемијата треба да бидат испитани пред независно и непристрасно судство. Ова беше истакнато на отворањето на Осмиот регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа, организиран од AIRE Центарот и Civil Rights Defenders со подршка на Владата на Обединетото Кралство и Кралството на Шведска и Фондацијата Конрад Аденауер, кој денеска и утре се одржува во Дубровник. Тема на форумот е „Независност и непристрасност на судството“, а на него учество земаа актуелните и поранешните судии на Европскиот суд за човекови права и претставниците на правосудните институции од седум земји од Југоисточна Европа. Претседател на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано истакна дека Европската конвенција за човекови права не може да функционира без независни и непристрасни судии. -Тие се темелот на владеењето на правото. Вистинско демократско владеење без независно судство не е возможно, нагласи Спано. Во воведното обраќање Билјана Брејтвејт, програмската директорка на AIRE Центарот за Западен Балкан, наведе дека постоењето на независно и непристрасно судство е потребно за да државните власти бидат повикани на одговорност, како и за да се осигура делотворна заштита на сите права гарантирани со Европската конвенција за човекови права. -Оваа тема дополнително стана уште поважна за време на пандемијата Ковид-19, бидејќи независното и непристрасно судство на крајот ќе треба да ги разгледува опсежните ограничувања на човековите права наметнати во борбата против пандемијата. Затоа, овогодинашниот форум се одржува во еден погоден момент, овозможувајќи дијалог помеѓу Судот во Стразбур и националните правосудни системи за начините на кои ова клучно начело може и треба да се заштити, истакна Брајтвејт. Горан Милетиќ, директор на Civil Rights Defenders за Европа, Блискиот Исток и Северна Африка, рече дека Форумот им овозможува на судиите на Европскиот суд за човекови права да разговараат за најактуелните прашања поврзани со владеењето на правото со правни експерти и претставници на граѓанското општество од регионот. -Годинешната тема, независноста и непристрасноста на судството, е од особено значење во контекст на Југоисточна Европа, со оглед на зголеменото мешање на политичките и другите актери во работата на судството. Нашиот формат на организирање на националните работни центри во главните градови од регионот во исто време со централната конференција во Дубровник им дава можност на учесниците да учествуваат во пошироката дискусија за ова прашање,  рече Милетиќ. Претеседатели и судии на врховните и уставните судови од седум држави на Југоисточна Европа, како и омбудсмани, застапници на државите пред Судот во Стразбур, претставници на правосудните центри/академии, претставници на невладините организации и правните експерти од регионот, учествуваат на настанот преку видео врска. Ендрју Пејџ, шеф на Одделението за Западен Балкан при Министерството за надворешни работи, развој и Коменвелт на Обединетото Кралство, истакна дека во сржта на денешниот дијалог се две начела кои минуваат низ вените на британската надворешна политика: владеењето на правото е една од основните вредности на демократските отворени општества; независното и непристрасно судство е од клучно значење за заштитата на човековите права и слободи. -Овие начела се наоѓаат во основата на одлуките за британската политика и финансирањето на програмите во земјите на Западен Балкан. Врз нив се темелат иницијативите започнати на Самитот за Западен Балкан во Лондон, на кој бев активно вклучен. Тие продолжуваат да бидат камен темелник на промоцијата на отворените општества низ целиот свет од страна на Владата на Обединетото Кралство. Прекрасно е да се види дека Форумот за владеење на правото за Југоисточна Европа го збогатува овој дијалог. Преку размена на добри практики на форуми како овој, претставниците на правосудните институции можат да придонесат за формулирање план за надминување на предизвиците со кои се соочуваат при примената на основните начела на владеење на правото. Му посакувам многу успех на Форумот и со нетрпение ги очекувам неговите препораки, рече Пејџ. Форумот за владеење на правото за Југоисточна Европа е еден од најважните годишни настани за претставници на судството, невладини организации и правниците од регионот, велат организаторите. Тие објаснуваат дека целта на Форумот е да ја промовира имплементацијата на Европската конвенција за човекови права на национално ниво, да ја поттикне регионалната соработка во континуираниот развој на владеењето на правото и човековите права и да обезбеди помош во процесот на интеграција на регионот во Европската унија.ир/са/  

Остани поврзан