• понеделник, 23 декември 2024

Ревизија, Антикорупциска и Омбудсман со најдобри резултати за интегритет, најслаби Обвинителството, судовите и службите за спроведување на законите

Ревизија, Антикорупциска и Омбудсман со најдобри резултати за интегритет, најслаби Обвинителството, судовите и службите за спроведување на законите

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и Народниот правобранител имаат најдобри резултати за интегритет, отчетност, одговорност и подготвеност за борба со корупцијата и се првите три столба со најмногу поени во националниот Систем за интегритет кој опфаќа 15 столба, во новиот извештај на Транспаренси интернешенл (ТИ) Македонија. Јавното обвинителство е најслабо оценет столб, а многу слаби резултати покажуваат и службите за спроведување на законите и судовите.

Извештајот за системот за национален интегритет којшто беше презентиран денеска, ТИ Македонија го работеле претходните две години. Тој опфаќа анализа на 15-те столбови на интегритетот, меѓу кои се и Собранието, Владата, јавниот сектор, приватниот сектор, медиумите, Јавното обвинителство, судовите, службите за спроведување на законот, јавните претпријатија... Сите столбови се анализирани од аспект на тоа колку се стабилни како столбови на интегритет.

-Можеме да кажеме дека кулата на националниот интегритет се уште не може да стои стабилно без сите овие столбови соодветно да бидат поставени или поткрепени.  Сите тие заедно треба да работат за да се воспостави добар систем на национален интегритет и тоа не само да работат и да соработуваат, туку и заемно да се контролираат, што е елемент којшто кај нас сериозно недостасува, рече Слаѓана Тасева, претседателка на ТИ-Македонија, претставувајќи ги резултатите од третиот извештај за интегритет.

Според неа, нема подобрувања во резултатите на Системот за национален интегритет од 2022 затоа што тие се слични и идентични, а во некои делови и полоши од претходниот извештај во 2016 година. 

-Државниот завод за ревизија е повторно носечки столб којшто има најмногу интегритет, којшто работи според правилата и според законите, којшто се уште нема доволно ресурси и е една од институциите што може да ги поддржи понатаму другите столбови на интегритетот. Вториот столб со најдобар резултат е ДКСК којашто, исто така, работи со недоволен капацитет од аспект на ресурси, меѓутоа во другите делови имаат одличен резултат.  И третиот е Народниот правобранител. Очигледно е дека независните институции покажуваат поголем интегритет и подготовка да ја остваруваат својата улога во борбата против корупцијата. За жал, оние кои најмногу треба да покажат капацитет и подготвеност, почнувајќи од интегритетот и подготвеноста во борбата против корупцијата, се повторно Јавното обвинителство, кое е едно од најслабо оценетите, односно најслабо оценет столб којшто има само 38,9 проценти, односно поени, службите за спроведување на законот и судовите, истакна Тасева.

Медиумите имаат среден резултат со 58 поени и тука, рече Тасева, треба сериозно да се поработи на правилата на отчетноста, почнувајќи од сопственоста и финансирањето.

Тасева појасни дека е анализирано што е напишано во законите и како тоа се спроведува во практиката, потоа ресурсите односно со што треба да располагаат институциите за да можат да ја работат својата работа, колку тие ресурси се обезбедени и како се користат. 

Според Тасева, независните институции кои се секогаш добро оценети, не се доволно ценети во нашето општество и тоа е резултат на политизацијата. Како примери посочи дека не се постапува по извештаите на Државниот завод за ревизија и на Антикорупциската комсиија, чии иницијативи не се прифаќаат од Јавното обвинителство зашто, како што рече, „тие на некој начин го сметаат работењето на ДКСК како мешање во нивната работа“.

-Гледаме и во последните денови што се случува - се настојува институциите да бидат под политичка контрола, тоа е се уште симптомот на заробена држава која настојува да ги контролира сите институции. За среќа, овие институции успеаја да обезбедат свој интегритет онака како што се поставени по законот и очигледно не им се дава можност доволно да работат со тоа што немаат доволно ресурси, истакна Тасева.

Критиките однадвор секогаш подобро се слушаат, но сега ни тоа не е доволно, рече таа, и оцени дека луѓето „веќе не реагираат ниту на изјавите на амбасадорите, ниту на лошиот извештај на Европската комисија“.

- Kryetarja e Komisionit për Antikorrupsion, Biljana Ivanovska para skadimit të mandatit të përbërjes së KSHPK-së të cilën e kryesoi ajo, është e kënaqur nga puna e bërë. Edhe krahas kushteve

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК - второрангираниот столб по интегритет во националниот систем, рече дека и многу драго што независните институции успеваат да ја одржат и да ја зголемат довербата кај граѓаните.

-Анкетите покажаа дека во споредба со претходната година, ДКСК има двојно зголемена доверба кај граѓаните и тоа е добро. Како понатаму – неуморно. Значи, мора да се продолжи, мора да се прави притисок и од независните институции коишто со своите препораки или иницијативи се обраќаат до останатите институции, но исто така и од вас – медиумите како глас на народот бидејќи, буквално, јас вас веќе ве чувствувам  како осми член на ДКСК. Мораме сите заеднички да правиме притисок и едноставно професионализмот да дојде до израз. Поинаку не гледам излез од целата оваа ситуација, порача претседателката на ДКСК. хс/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан