• понеделник, 23 декември 2024

Реакција на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата

Реакција на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата

Скопје, 29 април 2021

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата изразува загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата на Република Северна Македонија ја договара изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10.

Од информациите кои и се достапни на јавноста не може да се утврди оправданост за најавеното склучување на директен договор за реализација на инфраструктурни проекти без да се примени Законот за јавни набавки. За нас како граѓани е исклучително важно целиот процес да биде транспарентен од објавување на оглас до склучување на договорот, да овозможи учество и еднаков третман на сите заинтересирани компании, да обезбеди правна заштита на сите учесници во постапката и секако она што е особено значајно да се овозможи надзор врз целата постапка од страна на надлежните институции, заинтересираната стручна јавност и граѓаните. Примената на посебно законско решение (lex specialis) е лош начин на управување со капитални инвестиции бидејќи се оневозможува натпревар помеѓу економските субјекти од земјава и странство и со себе вообичаено носи зголемен ризик од цени повисоки од пазарните. Вакви постапки сериозно можат да ги нарушат принципите за добро владеење и да доведат до можни злоупотреби. Воедно, еден од клучните аргументи којшто беше изнесен во јавноста од страна на претставниците на Владата во одбрана на концептот на примена на посебно законско решение и склучување на директен договор за изградба на автопатските делници,  беа негативните последици од изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид. Но, укажуваме дека токму тој договор беше склучен без да се примени Законот за јавни набавки и со донесување на посебен Закон. Имајќи го предвид горе изнесеното, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара од Владата на Република Северна Македонија да го напушти концептот на директно договарање и планирањето на големите инфраструктурни проекти да го спроведува јавно, а реализацијата на проектите во конкурентна и транспарентна постапка. Белешка за уредникот: Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. Во моментов, членки на Платформата се 17 организации и тоа: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Еуротинк, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Центарот за граѓански комуникации, Центарот за истражување и креирање политики и Центарот за истражувачко новинарство СКУП. Платформата цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата. Платформата тежнее да биде коректив на состојбите, а соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис заедницата и меѓународната заедница. Исто така, ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, иницира јавна дебата за квалитетот на законите и иницира законски измени каде што е потребно и работи и на зголемување на свеста на граѓаните за борба против корупцијата.

Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје

_________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан