• недела, 22 декември 2024

Раѓањето на четворката најпозитивната вест во Штип за 2023 година

Раѓањето на четворката најпозитивната вест во Штип за 2023 година

Штип, 30 декември 2023 (МИА) - Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина се најпозитивната вест,  која пристигна од  Штип во текот на годината што веќе изминува. Александар и Благица Зикови добија четворка. Нивната куќа пред новогодишните и божиќни празници е весела и во духот на празниците. Се родија пред 65 дена, а радост му донесоа на целото семејството.

Александар Зиков за МИА вели дека Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина се крстени по нивните баби и дедовци, односно почетните букви на имињата на неговите родители и на родителите на Благица. Ова им била заедничка желба. Благица вели поголема среќа нема, а за своите четири бебиња забележува дека воопшто не се тешки за чување и грижа, бидејќи со сопругот заеднички и организирано ги имаат подредено обврските.

-Среќни сме, пресреќни, после долги години ги добивме дечињата. Малку е напорно, нормално, четири се, не е едно, сите си имаат свои потреби. Секој си кажува што му треба, кога му се јаде, кога сака да спие. Не е лесно, ама е многу убаво. Сето тоа се слатки маки, вели мајката Благица. 

Таа додава дека секое дете си има свој карактер, најспанко е Теодор, а најбунтовна и темпераментна е Леонтина. За да ги нахрани на Благица и се потребни час и половина. Дневно троши еден пакет пелени памперс и една кутија храна од 400 грама. Најголемата желба веќе им се исполни. Засега се само со  една плата, бидејќи мајката не ја следувало породилно боледување.

-Господ ни подари четири златни дечиња, нека ни се живи и здрави, поголема желба од тоа немаме, рече татко Александар. 

Благица надополнува дека имаат потешкотии, бидејќи имале и финансиски трошоци за ин витро оплодувањето, од кои едно и во Турција, кое е успешно.

-Имаме потешкотии, нормално, ние сме со две ин витро, едното неуспешно, со кредити и само со платата на сопругот. Цели седум месеци плаќавме сами придонеси по 10 000 денари, за да можам да земам породилно, но дечињата се родија предвреме и законски не ми следува, вели Благица. 

Таа посочува дека голем број жени и мајки и пишуваат на социјалните мрежи, барајќи од неа совети за исхраната на новореднчињата, но и каков бил нивниот пат и третман во болницата Турција, за којашто имаат најпофaлни зборови, бидејќи сега рацете им се полни со среќа.  Александар и Благица се скромни и велат дека можат да се справат со се во животот, бидејќи се среќни со своите четири дечиња.

Општина Штип  им подари плац за изградба на куќа. На познатата штипска четврока ќе им следува и бесплатна градинка, но засега ќе останат да живеат во нивниот  дом. Донации и подароци имаат од неколку општествено одговорни компании. Домот на семејството Зикова е полн со дечиња, а во него има неизмерна љубов и топлина. Семејството Зикови и нивните четири дечиња на сите им посакуваат Среќна Нова година.  вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан