• недела, 22 декември 2024

Рашковски доби куќен притвор и забрана да комуницира со тројца од обвинетите во „Софтвери“

Рашковски доби куќен притвор и забрана да комуницира со тројца од обвинетите во „Софтвери“

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Судот денеска му изрече мерка куќен притвор на Драги Рашковски, осуден на осум години затвор за случајот „Софтвери“. Рашковски доби и забрана да комуницира со првите тројца обвинети Ивица Димитровски, Игор Христов и Даниел Станчев. 

На Димитровски, Христов и Станчев им се изречени мерки на претпазливост. 

Овие мерки ќе останат во сила до правосилноста на пресудата. 

Обвинителката на случајот „Софтвери”, Ивана Трајчева рече дека ќе има жалба за одлуката на Судот, но и дека се донела правилна одлука. 

- Не можам да кажам дека сум задоволна, но сметам дека она за што беше поставено обвинението и за што се истражуваше и што се докажуваше во текот на постапката се докажа и сметам дека се донесе правилна одлука, истакна во денешната изјава за медиуми Трајчева.

На прашањето во однос на барањето за притвор за сите обвинети коешто резултираше само со еден куќен притвор таа најави дека ќе има жалба од страна на Обвинителството од причини затоа што за сите четворица, како што кажа, постојат реални причини дека можат да се дадат во бегство, но рече дека ќе се чека одлуката да им биде предадена во писмена форма по која што ќе се донесе конечна одлука по однос на жалбата. 

Во Основниот кривичен суд денеска  Драги Рашкоски беше прогласен за виновен за кривичните дела  „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ во предметот „Софтвери“ и судот му определи осум години затвор, во кои ќе му се смета и времето поминато во куќен притвор. 

Драги Рашковски доби казна затвор од седум години за злоупотреба на службена положба и една година и шест месеци за делото перење пари, за што судот му одреди една единсвтена казна затвор од осум години.

Судот ги прогласи за виновни и лицата Ивица Димитровски за кое одреди казна затвор од 5 години, за Игор Христов казна од 5 години и 6 месеци, за Даниел Станчев 4 години во кои ќe биде пресметано и времето поминато во куќен притвор, за Ирена Ивановска определена е казна затвор од 3 години и 6 месеци, а за Игор Ивановски и Маја Силјаноска судот определи три години. Лицата се обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“. 

Според обвинителниот акт, првообвинетиот, Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. 

Случајот го водеше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението беше обвинителката Ивана Трајчевска. сх/ев/

ФОТО: МИА Архива 

 

 

 

Остани поврзан