• среда, 29 јануари 2025

Ратификувана Спогодбата со ЕУ за Инструментот за реформи и раст, утре ќе се носат измените на законот за инспекциски надзор

Ратификувана Спогодбата со ЕУ за Инструментот за реформи и раст, утре ќе се носат измените на законот за инспекциски надзор

Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Собранието денеска ја одржа 33. седница на која на натамошна постапка беше даден Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за инспекциски надзор, по скратена постапка, единствена точка на дневниот ред. Пратениците исто така во рамки на 27. седница ја ратификуваа и Спогодбата за Инструмент помеѓу Европската Унија претставувана од Комисијата и Република Северна Македонија претставувана од Владата на Северна Македонија, за посебни аранжмани за спроведување на поддршка од Унијата за Република Северна Македонија, во согласност со Инструментот за реформи и раст. 

Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за инспекциски надзор, по скратена постапка, сега треба да се одржи амандманска расправа на Комисијата за политички систем и и да биде разгледан на Законодавно-правната комисија. Според информации од Собранието, се очекува законот да биде донесен во текот на утрешниот ден. 

Предлагачи на измените и дополнувањата на Законот за инспекциски надзор, по скратена постапка се неколкумина пратеници од владејачкото мнозинство. Пратеникот Бојан Стојановски образложи дека со измените инспекторатите влегуваат во состав на министерствата и веќе нема да бидат посебно правно лице. 

-На ваквиот начин ќе може да се исплаќа редовно плата и ќе може сите обврски кои претходно ги имале да ги имаат во состав на министерствата. Дополнително, со овој закон се дефинираат и уште неколку обврски од тоа пријавување на шестмесечни и годишни извештаи, и тоа кој е одговорен за определени обврски, дали министерот, директорите, но и се зајакнуваат условите за сите оние кои претендираат да бидат на чело на овие инспекторати, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.  

Стојановски рече дека во моментов на ЕНЕР е поставен нов закон за инспекциски надзор со цел дополнително да им се даде независност и да се ослободат од политичките стеги. Според него, за законот ќе бидат организирани јавни дебати и консултации со сите засеганти страни.  

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски критикуваше дека пред на крајот на декември се одржала седница на која на дневен ред биле измени на истиот закон, посочувајќи дека секоја одржана седница чини по 30.000 евра, како и дека на владејачкото мнозинство му било укажано дека тој закон има недостатоци. Инспекторатите не биле ставени во рамки на министерствата, инспекторите не земаат плата, а инспекторатите не можат да работат. Спасовски како пример посочи дека пазарниот инспекторат на трговците сега може да им изрече само опомена, но не може да казнува. Според него, и овие измени имаат недоследности.    

Својата работа пратениците ја продолжија со усвојување на Предлог на закон за ратификација на Спогодбата за Инструмент помеѓу Европската Унија претставувана од Комисијата и Република Северна Македонија претставувана од Владата на Северна Македонија, за посебни аранжмани за спроведување на поддршка од Унијата за Република Северна Македонија, во согласност со Инструментот за реформи и раст, единствена заостаната точка на 27. пленарна седница. 

Вкупниот износ на поддршката на ЕУ за Западен Балкан во рамки на финансискиот инструмент за реформи и раст изнесува шест милијарди евра. Во согласнот со предвидената методологија на ЕУ на Република Северна Македонија ќе и бидат ставени на располагање 750,4 милони евра за период од 2024-2027 поделени во транши, при што првата транша од 51,5 милиони се очекува да се добие кон крајот на оваа година.  Општите услови за исплаќање на средствата се однесуваат на спроведувањето на фундаменталните реформи, владеење на правото, почитување на основните човекови права и слободи додека посебните услови се формулирани во рамки на Реформската агенда. ев/ац/

Фото: Принтскрин 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан