Распишан конкурс за наградите на МАИ за најдобри достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема на книга
- Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата, што ќе се одржи од 3 до 9 мај, ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележ
Скопје, 15 април 2022 (МИА) - Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата, што ќе се одржи од 3 до 9 мај, ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од ланскиот до овогодишниот саем.
МАИ ги кани сите издавачи од нашата земја да ги испратат своите најдобри проекти и да учествуваат во трката за најдобри постигнувања во следниве категории: признанија за најдобра едиција, за најдобро ликовно-графички уредено издание, за најдобра книга за деца, за автор на годината, за најкреативно издание, за поттикнување на општествена одговорност, специјално признание за промотор на читачката култура како и признание за иновативност.
Од МАИ известуваат дека наградите, кои оваа година се доделуваат по шести пат, секоја година стануваат сè позначајни за издавачите и дека нивната важност и тежина се огледува во фактот што за нив одлучува независна жири комисија составена од тројца членови, истакнати професионалци во доменот на книжевноста и графичкиот дизајн.
Овогодишната комисија ќе ја сочинуваат новинарката за култура Весна Дамчевска, книжевникот и театролог Сашо Димоски и графичкиот дизајнер и арт-директор Никола Војнов, нагласи МАИ.
- Наградите што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи се признание за најкреативните и највредни автори, илустратори, издавачи и промотори на читањето, а нивната улога е да постават пример и да бидат инспирација за сите останати со крајна цел издаваштвото во нашата држава постојано да се развива и да поставува сè повисоки стандарди, вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.
Во соопштението е потенцирано дека крајниот рок за испраќање на апликациите е 25 април 2022 година, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 4 мај. Документот за аплицирање издавачите можат да го добијат пишувајќи на е-поштата sekretar@mai.org.mk. сан/сп/