• петок, 22 ноември 2024

Рама за "Ла Стампа" : Ситуацијата на српското малцинство на северот на Косово може да биде мал Донбас

Рама за

Тирана, 10 август 2023 (МИА) - Ситуацијата на северот на Косово изгледа помирна овие недели, но албанскиот премиер Еди Рама во интервју за италијанскиот весник "Ла стампа" наведува дека конфликтот таму може да стане поголем, јави Еј-Би-Си Њуз.

Во интервјуто за  еден од најголемите италијански весници, Рама прави паралела со ситуацијата што избувна пред неколку години, во Донбас, од каде започна непријателството со Русија.

- Многу сум загрижен, но се зависи од нас. Никој не може да го вознемири Балканот ако не му дадеме шанса. Конфликтот во Косово може да стане голем, макар и во мал обем. Ситуацијата на српското малцинство на север може да биде мал Донбас. Сонот на Путин. Но, Србија не може да се претвори во Русија, дури и да сака, изјавил Рама.

Тој одговара и на прашањето дали останува на своите претходни изјави во однос на  одлуките на премиерот на Косово, Албин Курти.

- Го почитувам тоа што сум го кажал. Тој е тврдоглав и максималист. Тој има фантастична можност, а тоа е француско-германскиот мировен план. Договорите не се на маса засекогаш. Потоа, приказната ве тера да чекате, одговара тој.

Албанскиот премиер зборува и за односите со неговата италијанска колешка Џорџија Мелони, велејќи дека нејзиниот избор бил големо изненадување.

Тој се осврна  и на дочекот на Мелони во Тирана во декември минатата година за Самитот ЕУ-Западен Балкан кога ја прегрна, што беше регистрирано и коментирано од медиумите.

- И се восхитувам. Џорџија е помлада сестра на Албанија, јас сум постар брат на Италија. Се запознавме во Тирана.  Се прегнавме, пред да разговараме,  рекол премиерот Рама.

Опширно зборува за туризмот во неговата земја, велејќи дека бројките на туристи оваа сезона се над очекувањата и оти е оптимист дека ќе биде остварена рекордна бројка од околу 10 милиони туристи. вт/сд/

Остани поврзан