• петок, 05 декември 2025

Ракија од домати и глуварче меѓу мострите за дегустација во рамките на „Тиквешка ракијада“

Ракија од домати и глуварче меѓу мострите за дегустација во рамките на „Тиквешка ракијада“

Кавадарци, 4 јуни 2025 (МИА) - Ракија од домати и глуварче има меѓу мострите за дегустација и оценување во рамки на  „Тиквешка ракијада“, меѓународна манифестација што трет пат се организира во градот на грозјето и производи од грозје, Кавадарци, во организација на здружението „Ж'та - македонски ракијари“.

Денеска втор ден се дегустира и оценува од страна на стручна меѓународна комисија, а меѓу пристигнатите мостри има и ракии од смоква, цреша, вишна, слива, кајсија, праска и други овошја. 

- Ни пристигнаа рекордни 230 примероци од земјава и од Полска, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Унгарија.  Освен традиционалната бела и жолта ракија од грозје, млада и одлежана, на натпреварот за најдобри ракии во повеќе категории, меѓу другото, добивме и разни видови мастика и узо,  ракии од круша. Тука се и ликерите од орев, праска, диња, вишна, дуња, малина, појасни за МИА Панче Арсовски, претседател на здружението. 

Во категорија на останати специјални ракии, доставени се мостри на ракија од домати, смрекови врвови, глуварче, траварица, сува смоква, пелинковец, медова ракија. 

Она што ги изненадило организаторите и жири-комисијата е фактот што на натпреварот пристигнала и словенечка мостра, светло зелена ракија од коноп или канабис. Тие се потсетија дека мината година исто така имаа несекојдневен примерок хрватски ликер од јајца на потполошка, што годинава добил високи оценки на престижен фестивал во странство. 

Доделувањето на наградите на најдобрите ракијари, мали производители на ракија,  ќе биде на 21 јуни во Вински музеј Кавадарци. свд/мд/


Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан