Работна акција на млади битолчани во скитот „Свети Кирил и Методиј" во село Битуше
- Со благослов од неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, деновиве во Свештената Бигорска Обител престојуваа десеттина млади луѓе, повеќето од Битола и неколку од Кичево.

Дебар, 14 ноември 2022 (МИА) - Со благослов од неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, деновиве во Свештената Бигорска Обител престојуваа десеттина млади луѓе, повеќето од Битола и неколку од Кичево.
- Тие доброволно и самоорганизирано притекнаа да помогнат во обемните работни активности во овој период. Главната работна сила беше насочена кон бигорскиот скит „Свети Кирил и Методиј“ во село Битуше, каде што за рекордни два дена пожртвуваните и богољубиви работници ги изглетуваа внатрешните ѕидови на храмот, со вкупна површина од околу 1800 квадратни метри, информираше отец Кирил за МИА.

Покрај работните активности, додава тој, нашите драги гости имаа можност да присуствуваат и да земат молитвено учество на воскресенско бдение и на Света Литургија.
Исто така, биле топло примени од владиката Партениј во неговата игуменска одаја, каде што имале можност да слушнат „прекрасни поуки за нашата спасителна вера и да добијат татковски благослов“.
- Беше навистина радосна и вдахновувачка глетка да се види како овие млади побожни души, со силен ентузијазам и љубов кон Светињата, работат, помагаат и се молат во домот на Св. Јован Крстител. Нека славниот Претеча ги награди со својот моќен благослов и молитвеното застапништво пред Господа, посака отец Кирил.
Скитот се наоѓа на висорамнината под планината Крчин, над долнореканското живописно село Битуше, меѓу планинските убавини.
На 31 мај 2014 година, беа осветени и поставени темелите на храмот посветен на светите рамноапостоли сесловенски првоучители и покрстители, солунските браќа Кирил и Методиј. Иницијативата за градење и идејното решение беа на г. Партениј, кој има голема љубов и почит кон браќата.
Иако се уште неизграден на 24 мај 2017 година во скитот беше одржана првата литургија. вт/мд/