• петок, 22 ноември 2024

Работна акција во долнодримколскиот манастир „Собор на Свети Архангел Гаврил“

Работна акција во долнодримколскиот манастир „Собор на Свети Архангел Гаврил“

Дебар, 27 јуни 2024 (МИА) - Со благослов на надлежниот владика, Неговото  Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и по иницијатива и заложби на  Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, игумен на Свештената бигорска Обител, започна отворање на пристапен пат кон бигорскиот метох, древниот Долнодримколски манастир посветен на небесниот Собор на Светиот Архангел Гаврил, меѓу народот познат и како Манастирец.

- За остварувањето на оваа тешка задача, несебично помогна нашиот ценет пријател и спомагател, дарежливиот  Борче Марковски од Битола, кој обезбеди специјална механизација и стручен тим за работа. Освен отворање на пат, се работи и на израмнување на површината околу остатоците од некогашниот монументален храм, кој со тек на време беше целосно обраснат и тешко пристапен, информираше отец Кирил.

Според него, следната поголема работна акција, со Божја помош, ќе се случи во сабота, на 29 јуни.

- Со благослов на владиката г. Партениј, оваа акција е организирана од благочестивите модричани Ставре Нелоски,   Митре Добревски и на  Томе Пеев, кој од страна на дедо Партениј е назначен за домаќин на Манастирот. Во акцијата ќе учествуваат работници-доброволци од селата: Модрич, Луково, Нерези, Прискупштина, Безово, Јабланица и други, како и сопственикот на „НОЧЕ” – ДООЕЛ,  Новче Чавкоски, кој ќе учествува со специјални дигалки за изнесување на камен, додава отецот.

Целта на оваа работна иницијатива е комплетно да се исчисти внатрешноста на остатоците од некогаш велелепниот храм од растенијата и камењата. Оваа задача е дел од сеопфатните работни дејности за оспособување на просторот за извршување на богослужба.

Првата Божествена Литургија во манастирот е предвидена за 26  јули оваа година, на празникот Собор на Свети Архангел Гаврил, кога била, всушност, главната слава на овој божји храм.

- Според Божјата милост и помош, во иднина е планирано возобновување на Манастирот, се разбира, доколку за тоа се обезбедат соодветни средства. Затоа, секој придонес во иднина, без оглед на големината, е добредојден, бидејќи ќе ни помогне во обезбедување на неопходните материјали и ресурси за возобновувањето на древниот Долнодримколски манастир, метох на Свештената Бигорска Обител, посочи отец Кирил.вт/


Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан