Работилница: Ако малите фарми не ги применат биосигурносните мерки против африканска чума, земјава може да остане без свинско месо
- Месечно се јавуваат по еден до два нови случаја на болеста во земјава и тоа токму кај нерегистрираните, мали семејни фарми кои не обрнуваат големо внимание на биосигурносните мерки. Од 2022 година до денес се регистрирани 62 жаришта, а депопулација е извршена на преку 14 000 свињи.
Скопје, 19 февруари 2024 (МИА) - Ако малите свињарски фарми не ги сфатат сериозно препораките за преземање на соодветните мерки против африканска чума, земјава може да остане без свинско месо, предупредија денеска учесниците на обуката „Мисија за одржлива техничка помош (STM) за африканска свинска чума во Северна Македонија” што ја организира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Како што беше истакнато, месечно се јавуваат по еден до два нови случаја на болеста во земјава и тоа токму кај нерегистрираните, мали семејни фарми кои не обрнуваат големо внимание на биосигурносните мерки.
Од првиот случај во 2022 година до денес се регистрирани 62 жаришта, а депопулација е извршена на преку 14 000 свињи.
-Проблемот со свинската чума трае веќе две години и има голем процент на заразеност во сите делови на државата. За жал, малите фармери, тие што не се регистрирани, не ги сфаќаат пораките од Агенцијата за храна и ветеринарство и од поголемите фарми и ние сме на удар. Болеста не е зооноза, но сепак се одразува врз економскиот дел и ако продолжи вака, би можеле да останеме без свинско месо на македонските трпези. Затоа, акцентот треба да се стави, пред се, на малите фарми, да се подигне нивото на свест за да можеме сите заедно да се бориме со овој горчлив проблем, изјави претседателот на Здружението на свињарски фарми „Македонско прасе“ Бојан Георгиевски.
Тој напомена дека против вирусот на африканска чума се уште нема вакцина, ниту лек.
-Имаме проблем со трговците на прасиња, фармите не се оградени, немаат бариери, гробници, комарници (зашто вирусот е векторски пренослив и може да се пренесе и преку храна и преку крв и преку облека), не се внимава кој влегува на фармата, а кој излегува. Ова се дел од најкруцијалните работи кои не се опфатени во онаа популација фармери кои се уште мислат за африканската чума исто како за короната, дека е донесена од некаде за големите фарми да ги уништат малите. Но, тоа нема врска. Сите заедно работиме и за сите има место на овој пазар, посочи Георгиевски.
Според директорот на АХВ, Николче Бабовски, секојдневно се апелира до одгледувачите на свињи, ловните друштва и концесионрите на ловиштата да ги применуваат биосигурносните мерки.
-Веќе имавме медиумска кампања преку која се трудевме да им објасниме на сите одгледувачи на свињи, независно дали се мали семејни или големи фарми, што се треба да преземат. Од првиот случај на болеста во Европа во 2014 година до денес, преку системите за нотификација секојдвено гледаме нови жирашита, но и во нашата држава. Од првиот случај во земјава, во 2022 година, до денес има 62 регистрирани жаришта, а депопулација е извршена на преку 14 000 свињи. Оваа бројка за нашата економија е доста голема, истакна Бабовски.
Како што информира, волку високата бројка се должи на депопулацијата во фармата „Овчеполка“ каде биле уништени преку 8 000 грла.
-Сметам дека веќе не треба да алармира колку е поразителна оваа болест за економијата на секоја држава. Уште еднаш алармираме на буквално и целосно применување на бвиосигурносните мерки од одгледувачите, но и од Ловната федерација, концесионерите на ловиштата, националните паркови и секој граѓанин кој може да дојде во контакт со домашните, но, пред се, со дивите свињи зашто таму е резервоарот на вирусот, подвлече Бабовски.
Тој повтори дека еден од најголемите преносители на африканската чума е човекот и затоа е неопходна висока свест за борба против оваа болест.
-Се работи за високосмртоносен вирус за домашните животни. Болеста не спаѓа во групата зоонози, кои се пренесуваат и на луѓето, а, за жал, предизвикува катастрофални последици во економиите на државите каде има голем замав. Во регионот скоро нема земја во која не е регистрирана болеста и кај домашната и кај дивата популација свињи. Мерките за справување на светско ниво се веќе востановени, а тоа значи дека останува на нас да ги применуваме, нагласи директорот на АХВ.
На обуката учествуваат претставници од Ловечката федерација, Факултетот за ветинарна медицина, Ветринарната комора, здруженијата на одгледувачи на свињи „Македонско прасе“ и „Гицко“, ветринари, Национални шуми и Шумарски факултет. Од Ловечката федерација рекоа дека се свесни за опасноста од болеста и дека се одржани обуки за ловните друштва и ловџиите во однос на тоа како треба да се спроведат биосигурносните мерки за спречување на појва и ширење на болеста во ловиштата..Според свињарските здруженија, пак, големите фарми спровефуваат биосигурносни мерки.
Обуката почна денеска и ќе трае до четврток, а АХВ ја организира со поддршка на Директоратот за здравје и безбедност на храна на ЕУ. мч/нд/
Фото: МИА