• недела, 22 декември 2024

Шеесет и шест општини поднеле 215 проекти заклучно со вчерашниот ден 

Шеесет и шест општини поднеле 215 проекти заклучно со вчерашниот ден 

Скопје, 12 септември 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски денеска го пуштија во употреба Спортско рекреативниот центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски Пат во Општина Бутел, проект во вредност од 8.100.000 денари, средства обезбедени од општинскиот буџет. Во спортско рекреативниот центар има фудбалски терен со вештачка трева, баскет терен со специјална подлога, како и детско игралиште, мини парк и шеталиште за жителите.

-Овој прекрасен спортско рекреативен центар го носи името „Бранители“ во чест на сите оние кои застанаа во одбрана на татковината кога беше потребно. Предизборно ветив два вакви спортско рекреативни центри, но до крајот на мандатот секое населено место ќе доби спортско рекреативен центар. Овој е веќе четврти, а нови четири ќе започнеме во текот на есенскиот период, еден ист вакво во населеното место Бутел 1 кај местото Ударници, еден почнуваме за неколку дена во населба Радишани веднаш под училиштето Ацо Шопов, еден почнуваме во горната зона на населба Радишани и уште еден во почетниот дел на Кучевишка Бара, изјави градоначалникот Костовски.

Нагласи дека за три години веќе се изградени околу 15-тина дополнителни спортски терени.

-Општина Бутел во текот на вчерашниот ден испрати соодветни проекти за мега проектот на Владата за поддршка на општините. Испративме два круцијални проекти и неколку помали и до Нова година треба да добиеме 100 милиони денари. Со овие средства ќе реставрираме и реконструираме 20 големи и клучни сообраќајници, ќе го реализираме и долгоочекуваниот парк од 10 илјади квадратни метри со голем плоштад на третиот влез во населба Радишани и целосна обнова и изградба на трим патека на коритото на реката Серава и за доградба на коритотот на Серава за уште 200 метри со што вкупно ќе бидат изградени 1.700 метри, појаси Костовски.

За следната година најави дека општина Бутел треба преку проектот на Владата да добие околу 4,5 милиони евра, пари кои ќе бидат искористени за нова поликлиника на територијата на општина Бутел за што веќе е остварена средба со министерот за здравство Арбен Таравари, формирани се работни групи и веќе е почнат да се изработува проектот. 

Премиерот Мицкоски истакна дека општина Бутел е прилично активна кога станува збор за капитални инвестиции и додаде дека во текот на вчерашниот ден општина Бутел заедно со уште други 65 општини поднесоа повеќе од 215 проекти, коишто се дел од иницијативата за реалокација на средства од централниот буџет кон општините за решавање реалните потреби на граѓаните.

-Повеќе од стотици илјади наши сограѓани ќе имаат решени реални проблеми коишто се напластувале изминативе децении. Убеден сум дека реализацијата на овие капитални инвестиции ќе продолжи и во иднина и во следната година, во 2025 година. Како Влада ќе поддржиме изградба на поликлиника во Бутел и мислам дека со реализацијата на сите овие проекти ќе бидат решени многу проблеми на бутелчани, но и не само на бутелчани туку и насекаде низ цела Македонија на граѓаните коишто изминативе децении се соочуваа со такви предизвици, изјави Мицкоски.

Заклучно со вчерашниот ден, како што посочи, проекти поднеле 66 општини не се само од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таму, како што рече, има општини од СДСМ и од ДУИ и други општини од коалицијата ВРЕДИ, политичката партија ЗНАМ, независни кандидати коишто се градоначалници.

-Исклучително сум задоволен и очекувам денеска да пристигнат и други предлози, да дојдеме до 250 проекти што значат подобри услови за живот на стотици семејства и тоа е суштината на овој проект, да направиме нешто коешто ќе биде соодветен одговор на реалните потреби на граѓаните, а со тоа да реализираме што е можно поголем број капитални инвестиции и да ја придвижиме економијата. Затоа е потребен и унгарскиот кредит, затоа што не само овие 250 милиони евра за општините, туку и 250 милиони евра за бизнисот којшто ќе предизвика, ќе имплицира дополнителни 250 сопствени средства милиони од страна на бизнисот, значи ние ќе имаме инвестициска активност од половина милијарда евра плус 250 милиони евра од општините. Тоа до сега не се случило, порача Мицкоски во одговор на новинарско прашање. вј/са/

Фото: Влада / МИА

Остани поврзан