• недела, 22 декември 2024

Пуштено во употреба реконструираното игралиште во спортскиот комплекс Соколана Куманово

Пуштено во употреба реконструираното игралиште во спортскиот комплекс Соколана Куманово
Куманово, 25 јуни 2021 (МИА) - Спортисти и рекреативци од денеска можат да го користат реконструираното игралиште од спортскиот комплекс Соколана Куманово кое денеска свечено беше пуштено во употреба. Ова е прва фаза од целосната реконструкција и вклучува акрилна подлога, проширени трибини и дополнителна инфраструктурна опрема, осветлување и заштитна ограда. Средствата за реконструкцијата се обезбедени преку Владата и Агенцијата за млади и спорт. - Со наредните две фази од целосната реконструкција и обнова со кои ќе бидат опфатени самиот објект, а потоа и кошаркарското игралиште, нашата намера е да го вратиме првичниот сјај и функционалност на Соколаната за која се врзани дел од најубавите спомени на граѓаните на овој град. Јас би додал дури и на граѓаните од целата земја кои доаѓаа тука да проследат некои од највозбудливите спортски или други манифестации кои беа тука организирани, рече премиерот Заев на отворањето пред спортски ветерани и граѓани на Куманово. Премиерот, истакна дека Владата со одлука ја врати Соколана во владение на општина Куманово. Спортскиот објект датира од доцните 20-ти години на минатиот век и период на кралство Југославија, со зачетоците на Соколското движење, не само на просторите на Куманово, туку и на тогашна Европа. На ова место се играле најдобрите кошаркарски турнири во поранешна Југославија, а тренирале и врвни гимнастичари. Соколана има непроценливо значење за кумановци како место за игранки и матинеа. - Владата на Република Северна Македонија во последните три години во континуитет покажува што значи вистинска грижа за сите граѓани подеднакво. Куманово во времето на режимот беше целосно запоставено и воопшто не постоеше на агендата за проекти од страна на тогашната власт. Така беше и во делот на инвестициите во капиталните проекти во образованието. Оваа Влада ја направи видлива разликата и на овој план на ниво на целата држава, рече Заев. Тој потсети, на изградените спортски сали во „Наце Буѓони“, во економското и во училиштето во Черкези, а нагласи дека во целиот регион, само во инфраструктура, регионални, експресни патишта од Куманово кон другите региони и останатите инфраструктурни проекти, изминативе три години, вложени се 100 милиони евра. Претседателот на Владата им посака успех на спортистите од Куманово и изрази надеж дека набргу Соколана ќе го врати препознатливиот сјај. Директорот на агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски во обраќањето истакна дека Соколана има значење за спортистите и додаде дека тука за прв пат е формиран женски ракометен клуб пред 90 години. - Навистина ми е драго што сите заедно сме тука на отворањето на игралиштето и што ние како Агенција за млади и спорт помогнавме со седум милиони денари за придонес од првата фаза од реконструирањето на Соколаната, рече Мојсоски. Тој рече дека вакви игралишта се значајни за инвестирање за спортистите, за здравиот живот, за победите во градот и државата. Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски рече дека Владата и Агенцијата за млади и спорт имале разбирање за потребите на кумановци и на општината ѝ ги вратија во владение не само Соколана, туку и стрелиштето, стадионот, спортската сала... - Без разлика што се во лоша состојба, тоа е мотив повеќе да ги возобновиме, рече Димитриевски кој се заблагодари на Владата и на Агенцијата за одвоените средства од името на спортистите, спортските ветерани и граѓани да ги вратат спортските објекти на општината. Тој најави дека ќе се реконструира покривот, фасадата, столаријата и внатрешно ќе се уреди сјајот и гордоста на Соколана, но и на останатите спортски објекти. Спортскиот новинар, Марјан Стошевски еден од иницијаторите за обнова на Соколана рече дека со години зборувал и интервјуирал спортски великани и ветерани, и се заблагодари на надлежните за поддршката за реконструкција на игралиштето. На отворањето беа доделени и признанија на спортските ветерани. На манифестацијата присуствуваа министри и заменици министри во Владата, претставници од спортски федерации, граѓани. ам/аа/

Остани поврзан