• петок, 22 ноември 2024

Пуштена во употреба сензорна соба во ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ во Драгоманце

Пуштена во употреба сензорна соба во ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ во Драгоманце
Скопје, 6 април 2021 (МИА) - Од денеска пуштена е во употреба целосно опремена сензорна соба во општинското основно училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во селото Драгоманце во Општината Старо Нагоричане. Како што соопштија од „Фондацијата „Чекор по чекор“ , собата е пред сè наменета за децата со посебни образовни потреби кои се вклучени во редовната настава во самото училиште, а истата ќе може да се користи и од страна на децата со типичен развој при работа во групи. Во просторијата се поставени нови прозорци, нов под, светла, игри и помагала, како и спортски реквизити. На официјалното пуштање во употреба на сензорната соба беа присутни заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство - Доминик Отвеј, заменик-министерот за образование и наука - Арафат Шабани и директорката на Фондацијата „Чекор по чекор“ Сузана Киранџиска. Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство, Доминик Отвеј кој присуствуваше денеска на отворањето на собата посочи дека целта е да се подобрат можностите за образование на децата со попреченост и да придонесеме за нивниот развој. -Го поддржавме овој проект за да ја подобриме средината за учење и рехабилитација за деца со попреченост, што е клучно за градење инклузивно општество за сите. Се надеваме дека оваа сензорна соба ќе биде од корист за локалната заедница и ќе даде пример за инклузивно образование, рече заменик амбасадорот. Заменик-министерот за образование и наука, Арафат Шабани на денешното отворање на сензорната собра истакна дека ја поздравува работата на проектот и заложбата за поголема инклузија во образовниот процес и додаде дека Министерството за образование и наука и институциите на системот работат и ќе продолжат да работат во истата насока. Оваа сензорна соба е изградена со финансиска помош од Британската Амбасада, во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е поддржан од Европската Унија.бт/вј/

Остани поврзан