• петок, 05 декември 2025

Пустец, Ресен и  Преспа ја зајакнуваат меѓуграничната соработка

Пустец, Ресен и  Преспа ја зајакнуваат меѓуграничната соработка

Пустец, 19 ноември 2025 (МИА) - Општина Пустец беше домаќин на претставниците на трите прекугранични општини во рамките на проектот „PULSE“, иницијатива која има за цел да ја зајакне соработката меѓу Албанија, Грција и Северна Македонија во областа на регионалниот развој, животната средина и локалната заедница.

Активностите почнаа во просториите на Општина Пустец со отворање на  изложба на фотографии од авторот Ардиан Фезолари, која им понуди на посетителите прекрасни пејзажи и уникатни моменти од регионот Преспа.

-Фотографиите го прикажуваат богатиот биодиверзитет, животот на заедницата, традициите и природните убавини, претставувајќи уметнички поглед врз заедничкиот идентитет на прекуграничниот регион. Изложбата претставуваше мост меѓу културата, природата и историјата на Преспа, додаваат од општинската прес-служба.

По изложбата, делегациите ја продолжија посетата во Музејот „Стерјо Спасе“ во Гломбочани, едно од историските и културните обележја на регионот.

Се одржа и преспански форум на заедницата, на кој учествуваа Пали Колефски, градоначалник на Општина Пустец, Георгиос Стергиоу, на Општина Преспа, Грција, Јован Тозиевски, градоначалник на Општина Ресен, Нертиљ Јоле, префект на округот Корча, претставници на невладиниот сектор, млади, жени претприемачки и други актери од заедницата.

-Регионот Преспа претставува бисер на природата и културното наследство. Биодиверзитетот, пејзажите, традициите и нашите луѓе се заеднички вредности кои мора да ги заштитиме и развиваме заедно. Преку годините, прекуграничната соработка донесе видливи резултати и овој форум има за цел дополнително да ги зајакне овие врски. Младите, жените претприемачки и локалните заедници се новата енергија која ќе ја води иднината на Преспа, нагласи меѓу другото Колефски.

Форумот се фокусираше на предизвиците со кои се соочуваат младите, улогата на жените претприемачки, управувањето со природните ресурси, како и новите можности за прекугранична соработка во одржлив развој, туризам и животна средина. вт/мд/

Фото: Општина Пустец

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан