• петок, 22 ноември 2024

Новозеландската „Птица на векот“ е путекетеке

Новозеландската „Птица на векот“ е путекетеке

Велингтон, 15 ноември 2023 (МИА) - Путекетеке, необичната „птица која блуе“ што се одликува и со свој уникатен „обред“ за парење, победи на специјалниот натпревар „Птица на векот“ што се одржа на Нов Зеланд, триумфирајќи откако британскиот комичар Џон Оливер почна со кампањата за „аутсајдерот“.

Оливер дознал дека во гласањето не мора да учествуваат само жителите на Нов Зеланд, туку може да се гласа од каде било ширум светот, па го искористи своето популарно ТВ-шоу за да се вклучи во натпреварот и овој досега релативно непознат вид птици стекна светска слава. Така, необичната австралоазиска водна птица, којашто е загрозена од исчезнување, неочекувано победи со гласови и од Лондон, Мумбаи, Токио, Париз и други оддалечени градови и земји ширум светот.

Новозеландската интернет-енциклопедија го опишува „путекетеке“ (маорски назив за 'голема гребенка', на латински: 'Podiceps cristatus australis') како величествена и посебна птица што ја сака водата, со впечатливи црни, бели и кафеави пердуви.

Чудните „птици што блујат“, како што Оливер ги нарече, се познати по тоа што си ги јадат пердуви за да поттикнат повраќање, и така да ги исфрлат паразитите од своето тело.

Овој вид птици е познат и по својот необичен ритуал на парење, што го изведуваат со „видливо задоволство“... Но, за жал - со мал успех (се верува дека бројот на путекетеке на Нов Зеланд паднал под 1.000 единки). Имено, мажјакот ја привлекува женката со плевел што му виси на клунот. Потоа, двете усогласени единки се удираат со градите, по што почнуваат со заедничкото „чврчорење“ при парењето, како што вели описот.

Организаторите на натпреварот соопштија дека имало вкупно повеќе од 350.000 гласови од цел свет.

Но, мешањето на Џон Оливер во гласањето вознемири многу Новозеланѓани. Активистот за заштита на птици, Мајкл Бартон-Смит, на пр., смета дека гласовите од странство „го поткопале интегритетот“ на натпреварот. Како и да е, путекетекето со над 290.000 глаови убедливо ги победи северноостровското кафеаво киви (12.900 гласа) и третопласираната кеа (12.000 гласови).  си/

Фото: Јутјуб

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан