Протест пред полициската станица во Косовска Митровица поради апсењето на четворицата српски младинци
- Членови на семејствата и граѓани утринава се собраа на протест пред полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица, барајќи ослободување на четворицата српски младинци, уапсени во вторникот.
Косовска Митровица, 11 септември 2024 (МИА) - Членови на семејствата и граѓани утринава се собраа на протест пред полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица, барајќи ослободување на четворицата српски младинци, уапсени во вторникот.
Насобраните го изразуваат своето незадоволство со свирежи, извикувајќи „Пуштете ги децата!“ и со транспаренти „Полиција Куртиленд“ и „Дали ЕУ е загрижена“.
На протестот се и претседателот на Српската листа Златан Елек, претседателот на Привременото тело на општина Косовска Митровица Иван Запорожац и други членови на Српската листа.
Во северниот дел на Косовска Митровица во ножта меѓу понеделникот и вторникот, косовската полиција уапси четворица млади момчиња од српска националност, на кои им е одреден притвор до 48 часа поради сомнение за наводен напад врз службено лице при вршење на должноста.
Раде Недељковиќ, таткото на Растко, еден од уапсените, изјави дека засега немаат официјални информации за момчињата. „Немаме сигурни информации, ниту можевме да ги видиме, ниту пак можеме да слушнеме за нивната состојба“, изјави Недељковиќ. Тој додаде дека момчињата, според некои информации, биле брутално претепани.
Таткото на уште едно од уапсените момчиња, Срѓан Јовиќ, изјави дека неговиот син при апсењето бил повреден од припадници на косовската полиција и дека сега се наоѓа во станица во јужниот дел на градот. „Тие беа однесени во полициската станица во јужниот дел, одреден им е притвор. Ја ангажиравме адвокатката Јелена Кривокапиќ и сега чекаме да го однесат кај обвинител. Не сум бил во контакт со мојот син. Адвокатката зборуваше и вели дека има рани по телото, има повреди. Ќе видиме колку е сериозно. Чекаме изјава“, рече Јовиќ. Тој додаде дека и неговиот син и кажал на адвокатката дека не е виновен за тоа што го обвинуваат и дека пред бруталното апсење и физичкиот напад врз нив имало само вербален конфликт. паг/
Фото: Скриншот од Коссев