• среда, 25 декември 2024

Протест на грчките камионџии на граничниот премин Евзони

Протест на грчките камионџии на граничниот премин Евзони

Атина, 5 март 2021 (МИА) – Воведување временско ограничување за влез на камиони од Евзони, меѓу 7 и 19 часот, како и целосниот недостаток на организација во процесот на спроведување на брзите тестови од екипите на Националната организација за јавно здравје на Грција, на сите што влегуваат во земјата, предизвика „хаос“ и огромни доцнења, а редиците на камиони кои чекаат достигнува и до десет километри, велат од Федерацијата на грчките камионџии, во соопштението во кое ги повикуваат транспортерите на протест на граничниот премин Евзони, закажан за 7 часот утрово по локално време, јави дописничката на МИА од Атина.

Транспортерите, кои уште во понеделникот најавија дека ако не се исполнат нивните барања, подготвени се да се мобилизираат и да го блокираат граничниот премин од грчка страна, истакнуваат дека ситуацијата на „една од главните копнени порти за влез во земјата веќе четири дена е исклучително тешка“ и се создадени големи проблеми во протокот на стоки и во грчкиот извоз.

-Возилата што пренесуваат медицинска опрема, лесно расиплива, како и секаков вид на стока, се принудени да чекаат и до 12 часа за да влезат во Грција, поради неможноста на државата да преземе соодветни мерки за ограничување на ширењето на коронавирусот без да се спречува нормалното функционирање на синџирот на снабдување, велат од Федерацијата во соопштението за денешниот протест.

Како што веќе објави МИА, грчките камионџии реагираат а новите мерки за копнените граници воведени во понеделникот, преку писмо до Министерството за транспорт и врски и Министерството за развој на Грција, бараат граничните Евзони и Какавиа, за транспортерите, да бидат отворени 24 часа и да има дополнителен персонал од Националната организација за јавно здравје кои ги вршат брзите тестови, за да се забрза целата процедура. ср/нд/

МИА Фото: архива

Остани поврзан