Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јануари зголемена, кај депозитите намалување на месечно ниво
- Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јануари изнесува 5,55 проценти и е зголемена за 0,08 процентни поени на месечна и 0,57 процентни поени на годишна основа, објави Народната банка.
Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) - Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јануари изнесува 5,55 проценти и е зголемена за 0,08 процентни поени на месечна и 0,57 процентни поени на годишна основа, објави Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 1,72 проценти и на месечно ниво таа е намалена за 0,07 процентни поени, при годишен раст од 0,79 процентни поени.
Кај новоодобрените кредити во јануари се забележа минимален месечен раст од 0,01 процентни поени и изнесува 5,22 проценти, додека на годишна основа е зголемена за 0,17 процентни поени. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 2,22 проценти и на месечно ниво е намалена за 0,15 процентни поени, во услови на годишен раст од 0,71 процентни поени.
Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи месечен раст од 0,11 п.п. и изнесува 5,44 проценти, а каматната стапка на новоодобрените кредити изнесува 5,21 проценти и на месечна основа е намалена за 0,09 процентни поени.
Кај домаќинствата се бележи зголемување од 0,06 процентни поени на месечно ниво на вкупните кредити, а кај новопримените кредити има месечен раст од 0,24 процентни поени. бак/
Фото: МИА архива, Народна банка