• среда, 15 мај 2024

Пронајдени три килограми марихуана при претрес на патничко возило на наплатната станица во Тетово

Пронајдени три килограми марихуана при претрес на патничко возило на наплатната станица во Тетово

Скопје, 6 јануари 2024 (МИА) - На наплатна станица во Тетово при претрес на патничко возило со албанска национална ознака пронајдени се три килограми марихуана со вкупна вредност од 10 илјади евра.

Како што стои во соопштението на МВР, Единицата за недозволена трговија со дрога при Одделот за криминалистичка полиција, во координација со полициски службеници од СВР Тетово и сообраќајната полиција од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, на наплатна станица Тетово, сопреле патничко возило „мерцедес“ со албанска национална ознака, управувано од лице со иницијали А.Н., во кое сопатник било лицето Ф.Т. Поради постоење на сомнение дека со возилото се пренесува дрога,  во координација со Мобилен тим од Царинската управа извршен е претрес на возилото, при што е употребено и царинско куче.

Од МВР соопштуваат дека при претресот, во резервна гума во багажниот простор на возилото пронајдени се три пакувања со марихуана, во количина од околу три килограми со вкупна вредност од 10 илјади евра. Лицата се приведени во полициска станица и од страна на СВР Тетово по комплетирање на целокупната документација ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово.

-Денеска од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, лишени од слобода се А.Н.(64) и Ф.Т.(56), двајцата државјани на Република Албанија, стои во сооптштението. ра/аа/

Фото: Министерство за внатрешни работи

 

Остани поврзан