• среда, 25 декември 2024

Пронајдени делови од индонезискиот авион што се урна во Јаванско море

Пронајдени делови од индонезискиот авион што се урна во Јаванско море
Џакарта, 10 јануари 2021 (МИА) - На длабочина од 23 метри во Јаванско море, нуркачите денеска пронајдоа делови од индонезискиот Боинг 737-500, кој се урна вчера непосредно по полетувањето од аеродромот во Џакарта со 62 патници и членови на екипажот. „Сигурни сме дека нуркачите ја испитуваат локацијата каде авионот падна во морето“, рече шефот на службата за цивилно воздухопловство, Хади Тиџханто, додавајќи дека се пронајдени скршени делови од авионот, посмртни останки и облека. Пресвртна точка во потрагата по авионот на компанијата Сривиџаја на летот 182 беше кога сонар од воен брод откри сигнал од локаторот на авионот на место за кое претходно се сомневаше дека е местото на несреќата. Сепак, сè уште не е познато ништо за причините за падот на авионот, а се претпоставува дека нема преживеани. - Сакам да изразам длабоко сочувство во името на сите индонезиски граѓани за оваа трагедија. Се молиме да најдеме некој што преживеал, рече претседателот на Индонезија, Џоко Видодо. Несреќата најпрво ја пријавиле рибари кои ловеле во водите на Јаванско море и кои вчера околу 14,30 часот најпрво ја слушнале експлозијата, а потоа виделе голема воден столб и бран како се движат кон нив. Властите веднаш отворија два кризни центри, еден на аеродромот во Џакарта и еден во пристаништето, а претседателот на авиокомпанијата Сривиџаја изјави дека авионот, стар 26 години, бил технички исправен и дека летот доцнел поради лошите временски услови, а не поради проблеми со исправноста на леталото. паг/

Остани поврзан