• сабота, 18 мај 2024

Промоција на „Комичното и хуморот“ од Иван Џепароски во Театар Комедија

Промоција на „Комичното и хуморот“ од Иван Џепароски во Театар Комедија

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - На малата сцена во Театар Комедија денеска ќе се одржи промоција на книгата „Комичното и хуморот“ од професорот Иван Џепароски. Кон книгата ќе се осврнат и ќе ја претстават писателот и професор Александар Прокопиев и професорката и театролог Ана Стојаноска.

-Да се пишува за комедијата, за комичното, па дури и за хуморот, значи да се пишува за човековото снаоѓање низ светот, особено во театарот. Еден од главните постулати на пишувањето е дека најтешко е да се напише комедија, а уште потешко е да се пишува за комедијата. Одговорот на едноставното прашање ’Зошто е тоа така?‘ лежи во основата на односот на човекот кон смеата, хуморот, игривоста. Затоа се ретки книгите што умешно говорат за комичното. За наша среќа, ја имаме пред себе книгата на професорот, поет, философ и преведувач, Иван Џепароски, „Комичното и хуморот‘“, вели Стојаноска во својот предговор кон изданието.

Иван Џепароски е писател и филозоф. Професор е по естетика и филозофија на културата на Филозофскиот факултет во Скопје, а предавал и на Факултетот за драмски уметности при УКИМ. Во неколку мандати бил раководител на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на многубројни филозофски, естетички, поетски и есеистички дела, како и на неколку филозофски избори и поетски антологии.

-Книгата „Комичното и хуморот“ е трето остварување на Театар Комедија, во рамките на неговата идеја за збогатување на својот библиотечен фонд и на книжната понуда со стручни и важни дела за театарската уметност на македонски јазик. Книгата е подарок од Театар Комедија и нема комерцијална вредност, а ќе биде достапна и за слободно преземање во електронска верзија на интернет-страницата на театарот, www.teatarkomedija.mk, соопштија од тимот на Театар Комедија.бт/мд/

Фото: плакат

 

Остани поврзан