Промовиран универзитетски учебник „Податочни науки и машинско учење со програмирање во Python“ од проф. Беким Фетаји
- Универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје денеска ја промовираше книгата „Податочни науки и машинско учење со програмирање во Python“, универзитетски учебник од проф. д-р Беким Фетаји, ректор на Универзитетот.
Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје денеска ја промовираше книгата „Податочни науки и машинско учење со програмирање во Python“, универзитетски учебник од проф. д-р Беким Фетаји, ректор на Универзитетот.
Авторот Фетаји посочи дека изданието е резултат на предавањата од истоимениот предмет во изминатите седум години, на Факултетот за информатика при УМТ и на магистерските студии по апликативно софтверско инженерство во прв семестар.
-Самиот предмет е развиен на тој начин што исторремено ги воведува концептите на учење во проекти, каде што преку проекти се предаваат истовремено и теоретскиот и практичниот дел, рече Фетаји на промоцијата.
Изданието го промовираа неговите рецензенти, професорите Иван Чорбев од ФИНКИ при УКИМ и Александар Димовски од УМТ, кои нагласија дека покрај квалитетите од стручен аспект, особено е важно што учебникот е напишан на албански јазик, со што авторот придонесува во збогатувањето на универзитетската литература на мајчин јазик на студентите.
Според проф. Чорбев, се работи за сериозен, современ и академски добро осмислен учебник од областа на науката за податоци и машинското учење.
-Станува збор за дело што со јасна педагошка ориентација, со широка тематска рамка и со применлива вредност успешно одговара на актуелните потреби на виското образование во информатичките и техничките дисциплини, рече Чорбев.
Проф. Димовски од УМТ посочи дека учебникот на систематичен начин ја поврзува науката за податоци со машинско учење и со практична употреба на програмскиот јазик Python.
-Делото ја обработува темата во форма што одговара на наставни курикулуми по информатика, компјутерски науки и сродни дисциплини, а истовремено служи и како применлив прирачник за професионалци што бараат структуриран пристап во работата со податоци, рече рецензентот Димовски. хс/аа/
Фото: МИА