• четврток, 27 јуни 2024

Промовирана нова граѓанска, непартиска иницијатива „Замисли“

Промовирана нова граѓанска, непартиска иницијатива „Замисли“

Скопје, 16 декември 2023

Балканскиот центар за конструктивни политики - “Солуција”, со поддршка на Европската фондација за демократија, синоќа презентираше нова граѓанска, мултиетничка и прогресивна сила што ќе се бори за една поинаква Македонија - “Замисли”.

“Замисли” е составена од граѓани, сите истакнати и докажани во својата област, млади луѓе со врвно образование, борци и активисти, дел познати, дел сосема нови за македонската јавност, а сите со заеднички став - дека политиката е преважна за да им биде оставена само на партиите.

“Замисли” ќе биде исклучиво граѓанска, непартиска иницијатива, без никакви амбиции да учествува на избори или да дојде до дел од “колачот”, но и тоа како со амбиции, волја, знаење и смелост да замисли, да создаде решенија за најгорливите проблеми во сите клучни области и да се залага за нивно спроведување.

На синоќешната промоција беа презентирани дел од граѓаните вклучени во “Замисли”: Мијалче Мики Минов; раководител на оддел за Магнетна Резонанца во Империал Колеџ, Лондон; д-р Артан Лимани, истражувач за високо образование; Антонио Јовановски, активист за животна средина; Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори за летање; Сашо Серафимовски, театарски режисер; Леа Огњановска, докторантка по право на ЕУ и европски интеграции; Кристијан Фидановски, докторанд на социјални политики на “Оксфорд”, Рита Бехадини, новинар и д-р Борјан Ѓузелов, политиколог.

Сите тие низ своите излагања зборуваа за состојбите во нивните професионални области и порачаа дека системски решенија се можни единствено преку силен граѓански активизам.

Специјален гостин беше познатиот српски водител Зоран Кесиќ, кој самиот низ своето телевизиско шоу и одлична сатира е пример за општествено ангажиран граѓанин.

Тој порача дека ваква граѓанска иницијатива и платформа е исклучително потребна, не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, каде политиката е главно сконцентрирана во партиски кругови.

Логото на “Замисли” е инспирирано од цвеќето пркос, а на него се претставени граѓани, обединети околу една идеја. Мотивот е традиционален вез и филигран, - пораката дека патриотизмот не им припаѓа на оние кои земјата ја сакаат само како плен, туку на лојалните и чесни граѓани.

Од денеска, граѓанската сила “Замисли” ќе биде отворена за сите добронамерници кои сакаат да се ангажираат за општото добро без притоа да очекуваат директна лична корист.

Тимот на „Солуција“

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан