• петок, 22 ноември 2024

Промовирана двегодишна стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот

Промовирана двегодишна стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот
Скопје, 21 јули 2021 (МИА) – Новата двегодишна стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот ќе испрати порака дека организираниот криминал е неисплатлив, така што паралелно со криминалистичката истрага за делата како што се недозволена трговија со дрога, криумчарење мигранти, тероризам и злоупотреба на службена положба и овластување, ќе се трага и по висината на приносите од нелегалните активности, што ќе резултираат со навремено определување привремени мерки и обезбедување на нелегално стекнатиот имот со цел негова подоцнежна конфискација со судска одлука. Со Стратегијата ќе се зајакне интероперабилната соработка меѓу сите надлежни институции коишто учествуваат во процесот на финансиски истраги и конфискација на имот произлезен од кривични дела, така што ќе се зајакне нивната дигиталната поврзаност и навремена размена на податоци, како и кадровските и институционални капацитети на органите и нивна координација и меѓуресорска соработка во следење на протокот на пари и нивно прикривање и пренесување. Тоа се клучните пораки изнесени на денешната промоција на „Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје. Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, рече дека гарант за целосно и навремено имплементирање на предвидените активности во следните две години е формирањето на Национална комисија за следење на националната стратегија и на нејзиниот акциски план. -       Основната цел на стратегијата 2021-23 е да придонесе за зајакнување на капацитетите на сите национални надлежни институции и на нивна координација и соработка во водењето на финансиските истраги и следењето на текот на парите, како и откривање на можно прикривање и пренесување на нелеглано стекнат имот. Активностите ќе придонесат за надминување на проблемите во правната и институционална рамка во однос на спроведувањето на финансиските исграи. Стратегијата предвидува поттикнување на проактивност на институциите вклучени во финансиските истраги со што овозможува водење на паралелна финансиска истрага со криминалистичката истрага. На овој начин се елиминираат ризиците од прикривање, распродажба или изнесување на противправно стекнат имот надвор од државата, изјави Николовски. Една од клучните мерки, нагласи Николовски, е новиот национален план за дигитализација на сите процеси, што треба да започне од 1 јануари 2022 година и поврзување на сите надлежни институции преку платформата за интероперабилност со цел јакнење на нивната поврзаност и навремена размена на податоци. - Сите седум клучни антикорупциски надлежни институции се веќе поврзани на системот на интероперабилност и започнуваат со размена на сите информации и податоци преку оваа платформа. Во следната фаза ќе бидат повразни со централниот регистра на население со цел брзи и ефикасни постапки и размена на податоци, изјави Николовски. Во работната група за подготовка на Националната стратегија, Николовски посочи дека активен придонес дале МВР, Министерството за правда, Јавното обвинителство, УЈП, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиски разузнавање, Царинската управа, Агенцијата за управување со одземен имот, Академијата на судии и јавни обвинители, Основниот суд Скопје 1, Кривичниот суд и Судскиот совет. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, рече дека стратегијата е насочена кон спроведување на меѓуресорски координирани финансиски истраги со цел идентификување и следење на приходи и приноси, имот и имотна корист, во земјата или во странство, а кои ќе се спроведуваат паралалено со криминалистичката истрага. - Целосно сме посветени на градење систем кој испраќа порака дека криминалот е неисплатлив и тоа со негово сузбивање преку ефективна идентификација, финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнатиот имот или имотна корист, нагласи Спасовски. Финансиските истраги во МВР, посочи тој, се водат од Единицата за финансиски истраги формирана 2020 година и полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, а веќе се водат финансиски истраги против 67 физички лица и 16 правни лица. - Додека криминалистичката истрага има за цел прибавување докази за утврдување на вината на лицата инволвирани во недозволените активности, финансиската истрага е насочена кон пронаоѓање и обезбедување на докази за видот и висината на имотот, имотната корист и приносите прибавени со кривичните дела. Најголем дел од отворените финансиски истраги се поврзани со недозволена трговија со дрога, криумчарење на мигранти, но и кривични дела поврзани со тероризам и злоупотреба на службена положба и овластување, изјави Спасовски. Следејќи ги искуствата на земјите од ЕУ, нагласи Спасовски, ќе го измениме Законот за внатрешни работи, така што ќе се предвиди процент од конфискуваниот имот во постапката во која учествувал МВР да биде вратен во буџетот на Министерството и тие средства да бидат искористиени во јакнење на капацитетите надлежни за водење на ваквите истраги. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на презентацијата на клучните сегменти од Националната стратегија, оцени дека ефикасните меѓуресорски истраги во однос на нелегалните имотни приноси во земјата и странство паралелно со кривичната истрага ќе резултираат со навремено определување привремени мерки со детално определен опис и проценка на вредноста на имотот и имотната корист со цел подоцнежна конфискација со судска одлука. - Со тоа во потполност би се остварила целта на кривичниот прогон. Со докажување дека кривичната постапка не е само казнување на сторителот, туку докажување дека никој не може да ја задржи директната и индиректна имотна корист прибавена на незаконит начин, истакна Јовески. Од посебно значење во борбата против криминалот, посочи Јовески, е функционирање на екипирани и дигитализирани истражни центри, како и стручни и оспособени истражители од различни профили кои ќе обезбедат ефикасни предистражни и истражни постапки. - Во таа насока во соработка со Академијата на судии и јавни обвинители и проектот од германското друштво за меѓународна соработка спроведени се циклус на тренинзи и менторства за водење паралелни финансиски истраги насочени кон зајакнување на капацитетите на единиците на правосудната полиција, јавното обвинителство и другите надлежни државни органи, кои учествуваат во водењето финансиски истраги, изјави Јовески. аа/лв/

Остани поврзан