• понеделник, 23 декември 2024

Прокопиев меѓу книжевниот врв на Европа во публикацијата „Les Lettres Europeenes“

Прокопиев меѓу книжевниот врв на Европа во публикацијата „Les Lettres Europeenes“
Скопје, 24 јануари 2022 (МИА) - Прозата на современиот македонски писател Александар Прокопиев се анализира во најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности „Les Lettres Europeénnes“, која деновиве излезе од печат во Париз. Прокопиев е застапен меѓу авторите Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович, Људмила Улицкаја, а неговата проза се споменува во последно поглавје „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“. По кусата биографија, следи анализа на неговата поетика во „Човечулецот“ и „Ѕиркачот“, со цитирани мислења за неговата раскажувачка постапка од Владислав Бајац и Георги Господинов. Како што соопштија од тимот на „Прозарт медиа“, поетиката на Прокопиев се сместува во таа на инвентивни раскажувачи како Бартелми, Калвино. „... тој ужива во подметнувањето на сентименталните парчиња од бајките, задржувајќи бројни елементи на фантастичните или магичните повести. Прокопиев ја втелотворува постмодерната струја во Македонија, додека ги тера читателите да го прифатат фактот дека самиот живот се темели на збрка“, се заклучува во освртот. Автори на „Les Lettres Europeénnes“ се четворица универзитетски професори Аник Беноа-Дисосо, Ги Фонтен, Јан Једрзејевски и Тимур Мухидин, а тие соработуваа заедно со двесте книжевници од Европа. Предговорот на ова издание е на нобеловката Олга Токарчук. Во ова капитално дело од речиси 1200 страници, во 16 поглавија, најнапред се толкува и аргументира концептот на европската литература, а потоа се анализираат авторите, книгите и поетиките од Средниот век до денес. бт/сп/

Остани поврзан