• понеделник, 23 декември 2024

Проектот „Пејзажно искуство“ претставен на 59. Венециско биенале

Проектот „Пејзажно искуство“ претставен на 59. Венециско биенале
Скопје, 22 април 2022 (МИА) - Во Македонскиот павилјон сместен во објектот Скуола деи Ланери во Венеција  вечерва свечено  е претставен официјалниот претставник на Република Северна Македонија на 59. Венециско биенале за ликовна уметност -  мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ (Landscape Experience) на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Тој вклучува видеоинсталации, објекти и фотографии, а во фокусот ја има „естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите: живот – смрт, убаво – грдо, витално – отровно. На претставувањето на проектот се обрати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека „Пејзажно искуство“ не е бегство од реалноста, туку е толку е реално што за миг ви доаѓа да побегнете. - Но, бидејќи љубителите на уметноста секогаш одат во спротивна насока, драго ми е што сме на вистинското место, но во едно неизвесно време. Шлемови, арсен, пеливани.....војни, еколошки катастрофи и таа вечна борба меѓу доброто и злото. Можеби доволна асоцијација на Украина, на КОВИД-19, на опстанок. Дали сме подготвени за ова патување низ уметноста? Ако одговорот е „да“, да тргнеме веднаш, рече Костадиновска-Стојчевска. Како што соопшти Министертството за култура, директорката на Националната галерија на Северна Македонија, Дита Старова-Ќерими, која е комесар на проектот што ја претставува нашата држава на светската изложба, ја објасни неговата концепција. -Преку естетиката на магичните пејзажни креации на еден прекрасен, напуштен и еколошки катастрофално уништен геополитички регион, претставена е токсичноста и разорната моќ на привидната надреална убавина врз здравјето на целиот жив свет, рече Старова-Ќерими. Посочи дека ова е осмо учество на Националната галерија како официјален организатор од нашата земја на Биеналето во Венеција што, рече таа, претставува гордост, но, и одговорност и предизвик. – Преку успешноста на овие претставувања, кои на авторите им донесоа нови можности за меѓународна соработка, се потврдува и местото на Националната галерија како една од водечките институции во земјава во областа на визуелните уметности, рече Старова-Ќерими. Куратори на изложбата се Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија на РС Македонија, и Сања Којиќ Младенов, кустос советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад  и кустос на проектот „Евровизија“ (Evrovizion) во Одделението за визуелна уметност на ИФА во Штутгарт. Педесет и деветтото  Венециско биенале на уметноста ќе се одржува од 23 април до 27 ноември. хс/        

Остани поврзан