• недела, 22 декември 2024

Проевропските демонстранти повторно се собраа во Тбилиси поради спорниот предлог-закон за „странски агенти“

Проевропските демонстранти повторно се собраа во Тбилиси поради спорниот предлог-закон за „странски агенти“

Тбилиси, 8 март 2023 (МИА) - Илјадници демонстранти во грузискиот главен град Тбилиси вечерва одржуваат нов протест, втор ден по ред, против владиниот предлог-закон за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека сигнализира авторитарна промена и им штети на изгледите на Грузија за поблиски врски со Европа.

Парламентот вчера во прво читање го усвои предложениот закон, со кој се бара од сите организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „странски агенти“ или ќе се соочат со значителни казни.

Владејачката партија „Грузиски сон“ наведува дека законот е направен по моделот на американското законодавство од 1930-тите години на минатиот век. Критичарите, вклучително и претседателката Саломе Зурабишвили, сметаат дека тоа потсетува на рускиот закон што Кремљ интензивно го користеше за сузбивање на неистомислениците.

Во синоќешните жестоки судири демонстрантите фрлаа бомби со бензин и камења врз полицијата, која, пак, употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата.

МВР соопшти дека синоќа беа уапсени 66 лица.

По повод Меѓународниот ден на жената, а воедно и националниот празник на Грузија, протестите продолжија и денеска попладне на централната авенија „Руставели“.  Илјадници демонстранти се собраа вечерва пред парламентот, носејќи грузиски знамиња и знамиња на ЕУ и извикувајќи „Не на рускиот закон“.

Прашањето го продлабочи јазот меѓу владејачката партија „Грузиски сон“ и проевропската претседателка Зурабишвили, која се огради од партијата откако беше избрана со нејзина поддршка во 2018 година.

Таа ги поддржа демонстрантите, изјавувајќи синоќа дека пратениците кои гласаа за законот го прекршиле Уставот. Таа, исто така, вети дека ќе стави вето на нацрт-законот ако стигне до нејзиното биро, иако парламентот може да го отфрли нејзиното вето за да ги донесе нацрт-законите.

Критичарите велат дека „Грузискиот сон“ е премногу близок до Русија и дека во последните неколку години земјата ја одвел во порепресивен правец. Грузиското општество е силно анти-московски настроено по годините конфликт околу статусот на двата отцепени региони поддржани од Русија, кои избувнаа во кратка војна во 2008 година.

Претседателот на „Грузискиот сон“ Иракли Кобахидзе и денеска повторно застана зад нацрт-законот, изјавувајќи дека тој ќе помогне да се искоренат оние кои работат против интересите на земјата и моќната Грузиска православна црква.

Тој ја критикуваше грузиската „радикална опозиција“ за поттикнување на демонстрантите на „насилства без преседан“ за време на синоќешните собири, јавија грузиските медиуми.

Неколку претставници на ЕУ, исто така, изразија загриженост за законот.

„Прифаќањето на овој закон за ’странско влијание’ не е компатибилно со патот кон ЕУ, што го сака мнозинството во Грузија“, напиша денеска на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Минатата година Брисел ги отфрли обидите на Тбилиси да стане земја кандидат за членство во ЕУ, соопштувајќи дека треба да ги забрза реформите во областите - владеење на правото, слобода на медиумите и независноста на судството. сд/

 

 

Остани поврзан