• недела, 22 декември 2024

Продолжува седницата на Анкетната комисија за случајот Онкологија

Продолжува седницата на Анкетната комисија за случајот Онкологија

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија денеска треба да продолжи со работа со разгледување на документацијата. Членовите на Комисијата, кои вчера ги отпочнаа предвидените 30 дена за разгледување на документацијата, треба да ја анализираат собраната документација и стенограмите од исказите на 60-тина сведоци кои беа сослушани во претходните 30 дена.

На вчерашната седница на Анкетната комисија на која се разгледуваа стенограми од сведочења во изминатиот еден месец, опозициските пратеници на одговорност го прозваа поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Според нив, тој има политичка одговорност за случувањата на Клиниката затоа што не постапил по член 295 став 1 од Законот за здравствена заштита според кој министерот за здравство има обврска за надзор над законитоста на работењето на здравствените установи. 

Пратеници од власта и опозицијата вчера полемизираа околу тоа која е нивната задача во овој дополнителен рок во кој ја разгледуваат документацијата, по излагањето на Антонијо Милошоски, кој рече дека „примарната политичка одговорност"  за злоупотреби на Онкологија ја носи поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

По расправата за документацијата, Анкетната комисија треба да донесе формални заклучоци. 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на 10 ноември поднесе Предлог - одлука за изменување и дополнување на одлуката за основање на Анкетната комисија за скандалот во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, со која бара продолжување на рокот за дополнителни 30 дена за сослушување на експерти и поранешни и сегашни носители на јавни функции.

Според претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи, објавени се нови сознанија за случајот со Онкологија, од кои, како што посочи, може да се заклучи дека станува збор за „основано сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер мафијата“.

Пред Анкетната комисија досега сведочеа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување - Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Маја Парнарџиева Змејкова, Магдалена Филиповска Грашковска, актуелната заменик - министерка за здравство Маја Манолева, поранешните заменици - министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски, Ефтим Насков, главен внатрешен ревизор во Фондот за здравствено осигурување, поранешната директорка на Клиниката за онкологија, Симонида Црвенковска, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија Виолета Клисарова, како и други лица и функционери. 

Анкетната комисија во Собранието беше формирана по објавата на случајот за злоупотреба на лекови од Клиниката за онкологија. фф/бак/

Фото: МИА Архива


 

Остани поврзан