• недела, 22 декември 2024

Програма за развој на театарската критика во Северна Македонија

Програма за развој на театарската критика во Северна Македонија

Скопје, 8 октомври 2024

Театарска Младина на Македонија како национална граѓанска организација, членка на Меѓународната организација на театарски критичари AICT/IATC ја донесе и ја покренува како општествен процес оваа Програма за долгорочен развој на театарската критика во Република Северна Македонија во насока на сопфатен развој на театарот и сите видови сценско творештво во земјата, квалитетно вреднување и оценка на сценските уметнички дела и нивно претставување, вмрежување и врвна презентација во светот. 

Театарската претстава е уметност на моментот. Таа секојдневно се раѓа, изживува свој живот и умира, за повторно да се роди при следната изведба, и така во континуитет. Составен дел на театарскиот чин е гледачот кој е и консумент и градбен дел на претставата. Во исто време, секој театарски гледач е и критичар, за во судирот/спојот на неговиот светоглед со светогледот и есенцијата на сценското уметничко дело да се создаде ново синергично повисоко својство, значење, влијание, а тоа е искуството на изгледаната претстава. 

Театарската критика како книжевна форма и општествена активност е вплетена во конкретната средина/контекст, при што, театарскиот критичар во исто време и го консумира сценското уметничко дело и го оценува; му ја мери и вреднува неговата естетика, го компарира, обрнува внимание на процесот на неговото создавање и го уконтекстува во средината каде што е делото создадено, истовремено вреднувајќи го и неговото глобално значење. 

Амбиентот во кој се создава, вреднува и оценува театарот, а тоа е конкретното историско време и конкретниот општествено-политички, економски и културен поредок во голема мера зависи и од тоа на кое ниво е, како е организирана, како функциоира, врз основа на кои мерила и критериуми се создава, кој ја создава и како се перцепира театарската критика, и од страна на создавачите на сценското дело – односно креативниот тим на претставата, и од официјалните културни субјекти како и од вкупната публика, односно сите театарски консументи. 

За развивање на театарската критика во Република Северна Македонија и зголемување на нејзиното позитивно влијание врз естетиката, етиката и културата, кои ќе го доизградат, зајакнат и трајно развијат вкупниот сценски еко-систем на земјата, Театарска Младина на Македонија, како национална граѓанска оргнизација, ја покренува оваа програма, која е сочинета од следните компоненти: 

Веб-портал www.teatarskakritika.mk

Новата веб-страна е официјален портал посветен на театарската критика во Република Северна Македонија и информирањето за сите релевантни случувања во областа на сценските уметности. На порталот ќе бидат застапени информации, линкови и објавени критики на театарските критичари од земјава и светот. Тој нуди можност секој да се логира и да ги споделува своите погледи, размислувања, идеи и критики за сите настани од областа на сценските изведувачки уметности; драмата, балетот, операта, современиот танц, пантомимата, кореодрамата, перформансот и се друго што спаѓа во сценско-изведувачката област. Порталот ќе се развива во насока на прераснување во централно место каде што редовно ќе се презентираат релевантни, точни и независни информации. 

Профили на социјалните мрежи: Facebook, Instagram, Treads, YouTube, TikTok, LinkedIn, X.

Театарска Критика како активност, програма и процес на Театарска Младина на Македонија е застапена и присутна и на сите релевантни социјални мрежи, преку креираните профили, каде што синхронизирано со порталот, се објавуваат сите информации, соодветно на спецификите и форматот на конкретната мрежа.

Тренинг курс за нови театарски критичари 

Професијата „театарски критичар“ во нашата земја, за жал, не егзистира како посебна дејност а причините се повеќе; малата по број театарска продукција, ограничената територија, немањето слух на медиумите дека е важно театарската критика да биде редовно застапена во соодветниот медиум. Но, театарската критика е есенцијална за вреднувањето на продукциите, нивното паметење во архивата на колективната меморија на соодветниот контекст, како и нејзината практична функција, да биде оценувач на сценското уметничко дело, што е важно и за неговите создавачи и за публиката. Театарските критичари во нашата земја главно се    поединци кои се занимаваат со ова дејност дополнително, покрај нивниот основен професионален ангажман а тоа обично е новинарство, педагогија, литература, администрација во културата и слично. Во оваа смисла, и покрај постоењето на неколку факултети за драмски уметности во земјата, сеуште не постои курикулум кој ќе едуцира и произведе „театарски критичар“, ниту пак оваа професија во нашата земја има создадено свои стандарди, заеднички усвоен вредносен систем и кодекс на областа. Се очекува дека со театарска критика би требало да се занимаваат завршени студенти на драматургија или театрологија, но таквиот број на ангажирани поединци е многу мал. Имајќи го сето ова предвид, составен дел на оваа програма е и востановување на редовна обука за нови театарски критичари, со што ќе се овозможи на сите оние поединци кои имаат интерес да занимаваат со оваа активност во нашата земја, да поминт низ стручен двомесечен тренинг. Едукацијата опфаќа базична теоретска обука, посета на театарски претстави, аплицирање на наученото преку пишување на критика на конкретни театарски претстави, заедничка опсервација и анализа, посета и запознавање со процесот на создавање на сценското уметничко дело и учество во подготовка на кратко сценско дејство, при што секој нов театарски критичар ќе го искуси вкупниот процес на создавање на еден театарски чин. Ваквите тренинзи ќе се организираат континуирано, сите нови театарски критичари кои ќе ја завршат обуката ќе добијат можност да бидат ангажирани во рамките на активностите на Театарска Критика, а нашата организација ќе работи и на обезбедување институционална медиумска поддршка и ангажман во соодветен медиум. Условот за запишување на обуката е завршено високо образование – факултет, од било која област и интерес за занимавање со театарска критика. 

„МЕДИУМ – ПРИЈАТЕЛ НА ТЕАТАРОТ“ – Застапување на театарската критика во медиумите

Театарската критика, како важен сегмент за опсервацијата, оценката и контекстот на театарската претстава, е важна алка во вкупниот сценски еко-систем на земјата. Како категорија која не е дел од профитниот сегмент на потрошувачкото општество, театарската критика и работата на театарските критичари не е многу често застапена и присутна во медиумите во нашата земја. Во оваа смисла, Театарска Младина на Македонија преку овој сегмент на оваа програма, отвора долгорочен процес за обезбедување на место/простор во медиумите во земјава каде што перманетно, на неделно и месечно ниво ќе бидат објавувани и презентирани театарски критики и информации од областа на театарот. Формата и начинот ќе бидат усогласени со секој конкретен медиум, нашата организација ќе обезбеди заинтересирани и обучени театарски критичари кои ќе ја обавуваат конкретната дејност а медиумите ќе обезбедат можност и простор, согласно видот на медиумот а тоа би било – телевизиска или радио емисија за театар, театарски подкаст како и пишани театрски критики објавени во печатените и електронските медиуми. Медиумот кои ќе го потпише „Кодексот за застапување на театарската критика во медиумот„ на Театарска Младина на Македонија ќе биде прогласен како „Медиум – пријател на театарот“, со него ќе биде воспоставена долгорочна соработка и ќе добие поддршка и своја презентација во вкупниот систем на Театарска Критика и на Театарска Младина на Македонија. 

„СЕКОЈ ТЕАТАРСКИ ГЛЕДАЧ Е КРИТИЧАР“ – Форум

Овој сегмент на програмата опфаќа создавање на електронски форум - колективно критичко тело за анализа, дискусија, оценка, критика и препорака на театарските претстави во Република Северна Македонија. Активноста вклучува мотивирање, едукација и инволвирање на гледачите на театарските претстави да учествуваат во процесот на опсервирање, анализа и оценка на театарските претстави што ги гледале. Театарот и неговиот контекст се дијалектичко единство. Достапноста на информациите преку интернет и социјалните мрежи од една страна и шумот од разни вести со кој е бомбардиран современиот човек од друга, ја прават екслузивна состојбата кога гледачот минува два часа дисконектиран од интернет а конектиран со себе си и со сценското уметничко дело што го опсервира. Денес, секоја изгледана претстава е победа на човекот врз техниката, на хуманоста врз дехуманизацијата и ова е златен рудник на сознанија, релевантни реакции и корепсонденции. Освестување и едукација на театарскиот критичар во секој театарски гледач, согласно возраста, степенот на едукација и контекстот во кој тој функционира е целта на овој сегмент од програмата. Во овој процес ќе бидат максимално искористени сите можности што ги нуди комуникативната ера во која живееме, интернет и социјалните мрежи, медиумите, како и организираните посети на театарските претстави од страна на училиштата, компаниите и театарите. Квалитетот, зафатот, вредноста и моќта на една претстава, како и нејзината искористлива вредност од страна на гледачите, со ваквиот пристап ќе биде неколку пати поголема и поефективна. За тоа да се случи неопходно е вклучување на подготовка на секој гледач пред гледањето на претставата како и негов критички ангажман по завршувањето на претставата. Вкупниот пристап ќе биде „игрив“, неформален, зачуден и интересен, во насока на долгорочна едукација на секој гледач и сеопфатен развој на театарот, што пак ќе доведе до генерален развој и на вкупното општество во целина. 

Институционална поддршка на театарската критика 

Театарска Младина на Македонија, во овој сегмент на програмата, покренува широка активност за зајакнување на театарската критика во земјата, преку воспоставување на соработка и потпишување меморандуми за соработка со театрите, театарските фестивали, факултетите за драмски уметности, образовните институции, граѓанските организации и сите други релевантни субјекти во земјата. Зајакнувањето на вкупната мрежа и инфраструктура на театарскиот еко-систем во земјата, преку развивање на театарската критика во сите горенаведени сегменти е долгорочен процес кој нашата организација ќе го спроведе во следниот период. Ги покануваме сите театарски критичари, театролози, теоретичари, вљубеници во театарот, театрите, фестивалите, институциите и сите заинтересирани поединци кои се дел од театарската публика, да се вклучат во програмите и активносите на овој процес. Театарот сме сите ние!

Редовен преглед на театрската критика во земјата и светот

Тековната театрска критика во земјата и во светот, како и сите релевантни настани на изведувачките уметности како што се претстави, премиери, театарски фестивали, научни симпозиуми и сите видови на општествени активности кои вклучуваат, се посветени или третираат на било кој начин сценски изведувачки уметности ќе бидат застапени, третирани, пренесени и објавени на порталот Театарска Критика и на сите профили на социјалните мрежи, во насока на навремено, квалитетно и релевантно информирање на сите заинтересирани субјекти. Освен пренесувањето на линкови кои ќе насочуваат до оригинално објавените текстови, Театарска Критика нуди можност на сите театарски критичари да се зачленат бесплатно и да добијат можност своите театарски критики да ги објавуваат и во вкупниот систем на Театарска Критика. Добредојдени се театарски критики напишани и на други јазици кои се во употреба во нашата земја, при што, задолжително е доставување и превод на критиката на Македонски јазик. Ги покануваме сите театарски критичари од Република Северна Македонија да се приклучат во работата и активностите на Театарска Критика и на Театарска Младина на Македонија. 

Годишник на театарската критика во Северна Македонија

Започнувајќи од оваа година, Театарска Младина на Македонија преку Театарска Критика ќе започне со прибирање, обработка и објавување на пресек на вкупната објавена театарска критика на земјата, во тековната година, на македонски јазик, со кратка содржина на англиски, француски, шпански, руски и кинески јазик. Целта е да започне да се создава трајна база на театарската критика во земјава и истата да стане достапна за информирање и користење на сите заинтересирани театарски критичари, театролози, театарски уметници и заинтересирани театарски вљубеници од целиот свет, за театарот и театарската критика во Република Северна Македонија. Издавањето на Годишникот е и во печатена и во електронска форма и истиот е застапен и на поралот а електронски се дистрибуира до Меѓународната организација на театарски критичари, како и до сите релевантни театри, фестивали, медиуми и организации од областа на сценските уметности во земјата и светот. 

Годишна награда за театарска критка  

Театарска Младина на Македонија востановува Годишна Награда за театарска критика која ќе се доделува за конкретна објавена театарска критика во областа на сценските изведувачки ументости и истата се состои во плакета и паричен износ. Вреднувањето на работата и ангажманот на театарските критичари во земјава е од клучно значење за вкупниот развој и на театарската критика и на театарот воопшто и во оваа смисла, ова е наш прилог во овој сегмент. 

Дистрибуција на списанието Critical Stage/ Scènes critiques  на IACT/IATC во Северна Македонија

Меѓународната организација на театарски критичари International Association of Theatre Critics двапати годишно го објавува електронското списание Critical Stage/Scènes critiques, кое прави пресек на меѓународната театарска критичка мисла во светот и детално обработува определена тема во секое негово издание. Електронското списание е на англиски јазик, бесплатно е и е достапно за сите заинтересирани театарски уметници, научници, гледачи, театарски вљубеници. Театарска Младина на Македонија, секое ново издание го доставува и преку меилинг листата на регистрираните членови на Театарска Критика, а линковите за пристап до списанието и до бесплатна претплата се поставени на порталот. 

Во вкупната работа на Театарска Критика и сите активности, за овој сегмент, нашата организација го определи принципот на „златната средина“, според кој ќе се раководиме и истиот, во неговата латинска форма и на македонски и албански јазик, ќе го користиме во вкупната наша пишана кореспонденција. 

Театарска Младина на Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

                                                                         

Остани поврзан