• среда, 27 ноември 2024

Проактивна транспарентност за отворени институции

Проактивна транспарентност за отворени институции
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Правосудството, земјоделството, здравството и јавните финансии се дел од дваесетината области на делување кои ќе добијат насоки за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор, како дел од Нацрт-упатството што го изготви Центарот за Управување со промени во соработка со Владата на Република Северна Македонија. Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, пред денешната презентацијата на Нацрт-упатството, изјави дека целта е да се утврди кои се најчесто побаруваните информации во изминатите три години од страна на институциите, со цел, како што рече, да се направи селекција на тие информации што се најмногу барани и потоа, како Влада, да ги обврземе институциите да ги објавуваат без претходно барање од граѓаните.

- Тоа од една страна ќе го поедностави пристапот на граѓаните полесно да доаѓаат до тие информации, ќе ја зголеми транспарентноста и отчетноста на институциите, а од друга страна ќе и олесни работата на администрацијата за да реагира во секој момент на едни исти барања кои ги добиваат од страна на граѓаните, рече таа. Грковска дополни дека ова е во насока на подготовка на нов закон, со кој што, како што рече, би сакале да го достигнеме нивото секоја информација и секој документ да биде јавно достапен, освен оние што се класифицирани информации и оние што ги загрозуваат личните податоци на граѓаните. Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на ЦУП, пред денешната презентација информираше дека има околу дваесетина области кои ќе добијат насоки за проактивна транспарентност. - Има околу 20-тина области, земјоделие, образованието, здравство, и така натаму, со кои бараме институциите проактивно да ги отворат податоците што можат да служат и во статистички цели, за научно-истражувачки цели, можат да служат како подобар отчет кон граѓаните за тоа како се извршува работата и на тој начин, исто така, можат да обезбедат подобри солидни политиките мерени на докази, вели таа. Информираше дека од страна на граѓанските организации, медиумите и општо, граѓаните, најголемите побарувања во однос на податоците и информациите се од областа на начинот на кој институциите ги трошат јавните пари. - Тоа е едниот податок во зависност од областите. Да речеме, во изминатиот период во услови на КОВИД најголемите побарувања за информациите се за тоа како се дистрибуирани средствата помеѓу фирмите од една страна, исто така на кој начин се трошеле буџетските средства во областа на здравството, но има и уште еден момент којшто институциите односно чиишто податоци се побаруваат од страна на граѓанските организации, а тоа е начинот на којшто се управувани институциите, односно, кој ги управува, кои се членовите на управните и надзорните органи, кои се луѓето што ги предводат институциите, нивните биографии и така натаму, вели таа, дополнувајќи дека сега, совактуелната ситуација со енергетската криза, гледаме дека има сѐ повеќе упатувања за информации од оваа област. Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчевска, рече дека Агенцијата се фокусира на проактивната транспарентност, односно на објавување на информациите со кои располагаат и кои ги создаваат институциите. - Ова ќе има големо влијание бидејќи барателите наместо да поднесуваат барања за пристап до информации истите ќе ги имаат веќе на веб-страните објавени и ќе може да си ги користат за нивните потреби. Заклучокот од воведните еобраќања на денешната презентација беше дека проактивното објавување на информациите што го налага Нацрт-упатството ќе овозможи подобрување на системот за Слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе ја олесни работата на администрацијата и ќе овозможи поголема доверба на граѓаните во институциите. Нацрт-упатството е изработено во рамките на проектот „Поттикнување на добро управување и реформи во јавната администрација“, спроведен од ЦУП, поддржан од НЕД. ар/нд/          

Остани поврзан