Пријавувањето на Авицена Женска Трка 2025 завршува на 9 април

Скопје, 3 април 2025 (МИА) - Во среда на 9 април завршува пријавувањето за учество во 13-тото издание на Авицена Женска Трка 2025, кое ќе се одржи на 13 април (недела) со почеток во 10:00 часот. Сите заинтересирани учеснички имаат уште неколку дена да се регистрираат и да станат дел од овој инспиративен спортски настан, информираат организаторите на трката.
Пријавувањето се врши онлајн преку официјалната веб-страница: https://zenskatrka.mk/prijavuvanje/. Важно е да се напомене дека на денот на трката не е возможно пријавување, па сите кои сакаат да учествуваат треба да го сторат тоа најдоцна до 9 април.
Трката, која традиционално се одржува во организација на Сојуз на спортови на Скопје и под покровителство на Град Скопје, е отворена за сите припаднички на женскиот пол, без оглед на возраста. Стартот ќе биде во 10:00 часот од булевар „Илинден“, во близина на фонтана „Лотос“, а пред почетокот, во 09:40 часот, учесничките ќе имаат можност за загревање со аеробик вежби.
-Авицена Женска Трка 2025 не е само спортски настан – таа е симбол на женска сила, мотивација и заедништво. Покрај главната трка, учесничките ќе имаат можност да освојат вредни награди и да учествуваат во лотарија со подароци од партнерите на трката, се вели во денешното соопштение од организаторите.
Тие ги охрабруваат сите жени да ја искористат последната можност за пријавување и да станат дел од најголемата женска спортска манифестација во Македонија. сст/са/
Фото Авицена Женска Трка 2025