• недела, 22 декември 2024

Притвор за мајка осомничена за предизвикување пожар со цел да се прикрие свирепо убиство сторено од синот

Притвор за мајка осомничена за предизвикување пожар со цел да се прикрие свирепо убиство сторено од синот

Скопје, 1 октомври 2023 (МИА) - Триесетдневен притвор за мајката на осомничениот за убиство во скопската населба Хром, која предизвикала пожар во станот на 36-годишниот И.Ј. откако нејзиниот 39-годишен син го извршил убиството. Мајката е лишена од слобода, а нејзиниот син е во бегство.

ЈО информира дека Основното јавно обвинителство Скопје постапува по кривична пријава во врска со настанот од 22 септември, кога по предизвикан пожар во стан на улицата „Исаија Маџовски“, беше пронајдено безживотно тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.

- Доказите обезбедени до овој момент даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин. Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото, известуваат од ЈО.

По настанот, тој се јавил повеќе пати телефонски кај неговата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство.

- Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите коишто живеат во зградата, велат од ЈО.

Против осомничениот, кој е недостапен на органите на прогонот, ќе биде поведена истрага за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1, како и за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството за него ќе предложи притвор како мерка за обезбедување по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

- За неговата 59-годишна мајка, како соизвршител, поведена е истрага за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Таа е лишена од слобода и по предлог на јавен обвинител, определен и е притвор во траење од 30 дена, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги скрие или уништи трагите од делото или дека ќе влијае врз сведоците, известуваат од ЈО. ир/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан