• петок, 22 ноември 2024

Прилепското стопанство со големи очекувања од 2024 година

Прилепското стопанство со големи очекувања од 2024 година

Прилеп, 30 декември 2023 (МИА) - Бизнис-секторот во Прилеп смета дека, главно, ги надмина кризните ситуации, особено изразени во првата половина од годинава што изминува. Фокусот на стопанствениците за 2024 година е стабилизирањето на пазарот, на пласманот,  и надминување на проблемот со недостигот од работна сила.

Владимир Трпаноски од прехранбената индустрија „Витаминка“ вели дека годината беше тешка, но закрепнувањето се чувствува во последниот квартал. За 2024 година битно ќе биде освојувањето повеќе пазари и раст на продажбата.

-Може слободно да се каже дека 2023 година беше тешка, посебно првото полугодие, но веќе овој квартал се чуваствува закрепнување, постабилни цени на берзите. За нас ќе заврши како добра година. Очекуваме стабилна 2024 година. Мора да се земе предвид дека не очекува изборна година, но се надеваме дека нема да има проблем со зацртаните цели во инвестициите, па и присуството на странските пазари.Недостигот од работна рака е подолгогодишен проблем. Досега успешно се справуваме. Тоа го имаме предвид. Се надевам дека она што го имаме зацртано стратешки, технолошкиот развој и освојување на пазарите и раст на продажбата дека 2024 година ќе го оствариме, анализира Трпаноски.

Градежните фирми мака мачеа со подолгорочниот проблем со неиздавањето дозволи за градба, а најмногу во 2024 година очекуваат да се реши проблемот со немањето нови детални урбанистички планови.

-Долгогодишното неиздавање дозволи за градба остави големи трагиво градежниот сектор. Проблем се и недонесените нови детални урбанистички планови. Се надеваме дека во 2024 година тоа ќе се надмине за една од базичните индустрии, градежништвото, да работи рентабилно, вели Филип Иваноски од градежната фирма „Изофас“ во Прилеп.

Ирена Јакимоска, претседателка на прилепската Регионална стопанска комора смета дека во 2024 година битно е надминувањето на енергетската криза, ако може замена со зелената енергија и одржување на квалитетот на производите за македонските извозни компании да одржат конкурентност на пазарот.

- Во 2024 година дефинитивно е фокусот на надминување на секаква енергетска криза или замена со зелената енергија и континуирано одржување на квалитетот кој го нуди македонскиот производ на европските пазари, зашто само со квалитетот нема компромис. Она за што мора да водиме сметка е зависноста од добавувачите, особено од далечниот исток зашто само контејнерскиот транспорт може да доведе до кризни ситуации. Во 2024 година треба да се фокусираме на диверзитет спрема купувачите, па и спрема добавувачите. Останува решавањето на проблемот со недостигот од работна сила. Јас сум од текстилната индустрика „Конфи Ангел“ и пробемот го решаваме со нова методологија на награда на трудот и зголемување на продуктивноста, со преструктуирање на работната сила, инвестирање во нова технологија и нова систематизација, вели Јакимоска.

Бизнис-секторот е свесен дека треба да се носи и со изборната година која не смее да ги забави стопанските процеси. ем/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан