• сабота, 17 јануари 2026

Прилепските училишта и ЈП „Водовод и канализација“ аплицираат за субвенционирана струја

Прилепските училишта и ЈП „Водовод и канализација“ аплицираат за субвенционирана струја
Прилеп, 10 ноември 2022 (МИА) - Прилепските основни и средни училишта аплицираат и доставуваат договори до ЕСМ за користење субвенционирана струја, а тоа го направи и јавното комунално претпријатие „Водовод и канализација“. Сите очекуваат бенефити, намалување на трошоците и стабилизирање во работењето. ЕСМ-продажба го продолжи рокот до 20 ноември за доставувањето документација. Ахил Јаков, директор на ОУ „Климент Охридски“ од Прилеп вели дека со користењето субвенционирана струја од 1 декември ќе се стабилизира наставниот процес и ќе нема опасност од прекин на наставата. Во Прилеп се пет средни и 10 основни училишта со преку 11 000 ученици. -Согласно со одлуката на Владата, ние како училиште ќе доставиме потребни документи до ЕСМ за склучување договор за снабдување со електрична енергија по субвенционирани цени. Тоа ќе биде многу корисно за училиштето, бидејќи ќе имаме непречена настава и нема да имаме проблем. Ако ме прашувате што значи тоа на финансиски план, не може конкретно да кажам, но претпроставувам дека ќе значи намалување на трошоците за 20 до 30 проценти. Се префрламе на домаќинско трошење. Во спротивно, секако ќе имаше прекин на наставата, изјави Јаков. Во прилепски водовод месечните сметки од 7,5 милиона денари ќе се симнат на разумни два милиона со цена на струјата од 95 евра од мегават час, вели првиот човек на „Водовод и канализација“ Игор Гулабоски. Тој додава дека претпријатието ќе функционира, може да ги врати 12-те милиона денари долг, а најавува и враќање на цената на водата од пред зголемувањето од 20 проценти. -Со одлуката на Владата, конечно се опфатени и јавните водоводени претпријатија. Ние вчера аплициравме и ги доставивме документите што ни ги побара ЕСМ - продажба. Во текот на оваа приближно една година, бевме на слободниот пазар за купување струја. Сметките ни се движеа од 3 милиона до 7,5 милиона денари. Тоа беше страшно. Сега, очекуваме кризата да ја пребродиме. Сметките нема да се вратат од пред една година кога во просек беа еден милион денари, но сметките до два милиона денари е сума која ова јавно претпријатие може да ја крепи и финансиски да не нѐ оптовари како што беше оваа една година. Неодамна се зголеми цената на водата за 20-тина отсто поради високите сметки. Со ова субвенционирање на струјата од Владата, кажавме и сега потврдуваме  дека ќе ги вратиме цените на водата на претходното ниво. Договорите за субвенционирана цена на струјата ќе бидат од први декември и доколку биде како што е најавено, и штом ќе го склучиме договорот, ние веднаш ќе одлучиме за намалување на цената на водата, вели Гулабоски. ем/дма/  

Остани поврзан