• понеделник, 23 декември 2024

Прилепската болница доби магнетна резонанца

Прилепската болница доби магнетна резонанца

Прилеп, 14 мај 2022 (МИА) - По повеќе од 50 години прилепската Болница доби апарат за магнетна резонанца и опреми цел оддел. Со тоа за првпат околу 120.000 пациенти од регионот ќе може да закажат термин за дијагностика со магнетна резонанца во Болницата.

На отворањето на одделот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Беким Сали.

-По повеќе од 50 години болницата добива модерен апарат за магнетна резонанца и сега ќе може уште полесно и поцелосно да ја остварува својата мисија - да обезбедува квалитетна здравствена услуга за населението од Прилеп, Крушево и Македонски Брод и за целиот овој регион, вклучително и Кавадарци. Граѓаните од општина Прилеп и околината нема веќе да патуваат во Скопје или Битола за да ја добиваат оваа здравствена услуга. Сега им се отвора можност олеснет пристап, без дополнителни трошоци и време за термин, да ги добиваат резултатите веднаш, изјави Ковачевски.

Апаратот го обезбеди Министерството за здравство, а болницата вложи околу пет милиони денари за опремување на одделот, фарадеев кафез, системот за ладење на апаратот, константно одржување на температурата во просторијата 23 степени, дополнителна опрема.

Министерот за здравство посочи дека апаратот е набавен како дел од ИПА фондовите.

- Апаратот од денес е поврзан во националниот електронски систем Мој термин и во ПАКС системите. Изминатите денови заврши обуката на персоналот и се направија пробни снимања. Апаратот за магнетна резонанца е набавен како дел од ИПА фондовите за нашата држава за справување со здравствени закани, а зајакнувањето преку овој проект продолжува и во други здравствени установи, рече Сали.

Директорката на Болницата Кети Смилеска смета дека се подобрени здравствените услови за жителите од регионот преку доопремување и со зголемување на бројот на лекари-специјалисти.

-Тоа е достигнување кое значи доопремување на болницата,  подобрување на здравствените услуги кон пациентите, подобра дијагностика. Ние во Болницата не запираме тука. Ќе продолжиме да инвестираме, пред се, во стручен кадар, опрема и инфраструктура, заедно со Владата, со Министерството и со општествено одговорните компании кои несебично помагаат за подобрување на здравствената заштита на жителите од Регионот, рече Смилеска.

На прашањето колку и кога ќе се вработи нов медицински персонал во Болницата, министерот за здравство не можеше да прецизира затоа што, како што рече, се работи за годишен план.

Според Сали, се работи и на стратегија за регионална организација на Службата за итна медицинска помош.

о тој склоп е планирана набавка на околу 60 возила. Работиме и во делот на реновирање објекти каде сме во почетна фаза, изјави министерот за здравство Беким Сали при денешното пригодно пуштање во употреба на одделот каде е сместен апоаратот за магнетна резонанца во прилепската општа болница со проширена надлежност. ем/свс/

Остани поврзан