• понеделник, 23 декември 2024

Претставата „Том Соер“ ќе го отвори првото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“

Претставата „Том Соер“ ќе го отвори првото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - Со претставата „Том Соер“ во режија на Деан Дамјановски вечер ќе биде отворено првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, во организација на Театар за деца и младинци – Скопје. Во рамки на фестивалот, што ќе трае до 4 октомври, ќе можат да се погледнат девет претстави. Покрај „Том Соер“ на Театарот за деца и младинци – Скопје, ќе бидат изведени „Авантурите на Баронот Минхаузен“ на „Жар птица“ Театарот од Загреб, Хрватска, „Тивкото момче“ на Детскиот театар од Крагуевац, Србија, „Мачката папучарка“ од Градскиот театар на Подгорица, Црна Гора, „Вечерва не сум сама“, во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци од Скопје, „Авантурите на малиот Јују“, на Градскиот куклен театар од Ријека, Хрватска, „Јованче и Марика“ на театарот „Битолино“ од Битола, „До границата“ на театарската компанија „Петра“ од Итлија и претставата „Жирафа“ на театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција. На фестивалот, покрај селектираните претстави ќе има и тридневна работилница за кукларство, предводена од режисерот Јакуб Максимов од Чешка. Ќе се одржи и панел дискусија на која ќе има презентација за меѓународната соработка на детските театарски продукции, преку искуствата на српскиот национален центар на меѓународната асоцијација на детски театри „АСИТЕЖ“. Селектор на фестивалот е актерот Владимир Лазовски. Пораката што оваа година ја упатува фестивалот е „Види нови светови, остани дете“, предлог на истакнатиот поет Никола Маџиров, што беше со голема радост прифатен од фестивалската организација. - Упатувам порака до сите деца и родители. Дојдете во Детскиот театар, гледајте претстави и откријте нови светови. За миг побегнете од компјутерската реалност, истакна Изабела Новотни актерка, која е член на Советот на фестивалот. Визуелниот идентитет на годинашното издание е на авторката Јана Андева, а како извршен продуцент се јавува Миодраг Костиќ. Фестивалот е со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат награди: Гран при најдобра претстава во целина, Награда за најдобра режија, Награда за костимографија, сценографија, музика, Награда за најдобар актер и актерка. За нив ќе одлучува тричлено жири во состав: Диана Крзаниќ Тепавац, актерка и претседател на „АСИТЕЖ“ Србија, Благој Чоревски и режисерката Драгана Милошевски Попов. мд/сп/

Остани поврзан