Претседателот Пендаровски ги прими членовите на хорот „Златно славејче“
- Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими членовите на детскиот хор „Златно славејче“. -Пендаровски, упатувајќи честитки за успешната реализација на 52. издание на фестивалот „Златно

Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими членовите на детскиот хор „Златно славејче“.
-Пендаровски, упатувајќи честитки за успешната реализација на 52. издание на фестивалот „Златно славејче“, ги истакна значењето и улогата коишто повеќе од половина век овој фестивал ги има во развојот на креативноста и талентот на најмладите во државата, велат од неговиот кабинет.

Членовите на постојаниот детски хор и солистите на „Златно славејче“ ги споделиле своите импресии и доживувања со Претседателот за неодамна одржаниот фестивал. Пеејќи рефрени од новите детски хитови се заблагодариле за денешниот прием и за неговата континуирана поддршка.
Фестивалот „Златно Славејче“ се одржува под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.

Првото издание на фестивалот „Златно славејче“ се одржало на 23 мај 1970 година, во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје. Традиционално, веќе 52 години, во рамки на одбележувањето на ослободувањето на Скопје, 13-ти ноември, „Златно славејче“ е дел од музичката лектира на најмладите. сст/аа/