• недела, 22 декември 2024

Претреси во домовите на поранешни полски фунционери во рамките на истрагата за финансиски злоупотреби

Претреси во домовите на поранешни полски фунционери во рамките на истрагата за финансиски злоупотреби

Варшава, 27 март 2024 (МИА) – Припадници на полските специјални служби денеска повторно извршија претреси во домовите на поранешните владини функционери од партијата Право и правда (ПиС), како дел од истрагата за наводна злоупотреба на средствата на Министерството за правда, изјави портпаролот на државното обвинителство.

Во октомври 2023 година, националистичката партија ПиС ја загуби власта по осум години владеење од коалицијата на проевропски партии предводена од Граѓанската платформа на Доналд Туск.

Специјалците вчера упаднаа во домот на поранешниот министер за правда, Збигниев Жобро, а Обвинителството соопшти дека се приведени четири лица – тројца поранешни вработени во Министерството за правда и примателот на средствата.

Утрово полицијата изврши претрес во хотелската соба на поранешниот заменик-министер за правда Михал Вос, како и во другата куќа во сопственост на семејството Жобро. Вос потврди дека бил претресен и неговиот дом надвор од Варшава.

Поранешниот шеф на Врховниот суд за ревизија изјави пред парламентарната комисија дека има доказ дека 25 милиони злоти (6,3 милиони долари) од Фондот се потрошени за шпионскиот софтвер Пегаз, за кој новата Влада тврди дека ПиС го користел против некои од нејзините политичари.

Локалните медиуми објавија дека средствата биле искористени и за привлекување гласачи на ПиС во селата, со купување на противпожарни возила или опрема за провинциските здруженија на жени домаќинки. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан