• сабота, 23 ноември 2024

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ без Бошковски и Грујевски, кои добија азил во Грција

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ без Бошковски и Грујевски, кои добија азил во Грција
Атина, 26 февруари 2021 (МИА) – Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој иако три дена беше недостапен, денеска, сепак, во Северна Македонија ќе ја чуе пресудата за „Таргет-Тврдина“, за разлика од Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои за одлуката на судот ќе дознаат додека се наоѓаат стотици километри јужно од границата, односно во Грција, каде што побегнаа за да избегнат притвор, но и веќе добија азил, јави дописничката на МИА од Атина. На ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујевски, и неговиот соработник Никола Бошковски кон средината на јули 2017 година им беше одредена мерка притвор во предметот „Таргет-Тврдина“, но откако полицијата не успеа да ги пронајде на 26 јули, беше распишана и потерница. „Злосторничко здружување“, „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“ се делата за кои се бараше Грујевски, додека Бошкоски за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“. Три месеци им се загуби трагата и никој не знаеше каде се наоѓаат, кога на 18 октомври истата година, беа уапсени во Солун, но не поради потерницата, туку поради фалсификуваните пасоши, по што се одмота клопчето, се откри нивниот вистински идентитет, се одржаа повеќе рочишта во Солун и Атина, за грчкиот Врховен суд во мај 2018 година да го отфрли македонското барање и да не дозволи екстрадиција. Дописничката на МИА анализира, како Горан Грујевски и неговиот соработник Никола Бошковски од апсењето во Солун, стигнаа до азил и слободно движење во Грција. Во вечерните часови на 18 октомври 2017 година на солунскиот аеродром, при пасошка контрола, била уапсени група од неколку лица, повеќето мигранти од Блискиот Исток, но и двајца кои со фалсификувани бугарски пасоши се обиделе да заминат од Грција. При дополнителната истрага грчките полицајци откриле дека се работи за лица по кои е издадена меѓународна потерница, односно за Грујевски и Бошковски. - Од полицајците од секторот за безбедност на меѓународниот аеродром во Солун, вчера (18.10.2017) беа уапсени двајца странци на 51 и 35 годишна возраст кои беа фатени со фалсификувани патнички исправи. Од понатамошната истрага на полицијата произлезе дека за нив била издадена црвена потерница од Интерпол за кривични дела формирање криминална организација и за кривични дела со висока технологија извршени во ФИРОМ. Уапсените беа изведени пред надлежните обвинители, пишуваше во билтенот на грчката полиција за апсењето на Грујевски и Бошковски. Во однос на тоа кога и како влегле во Грција, извори од грчката полиција тогаш објаснија дека од моментот кога постои меѓународна потерница и лицата се уапсени, тогаш случајот од полицијата оди во рацете на судовите, и не се спроведува дополнителна истрага. Следниот ден по апсењето беа изведени пред двајца обвинители, едниот за фалсификуваните патни исправи, а другиот по издадената меѓународна потерница. Пред обвинителот надлежен за екстрадиции, според тогашните информации, рекле дека се високи службеници на техничката служба во Министерството за внатрешни работи, ги негирале обвинувањата, потенцирале дека не сакаат да бидат екстрадирани во нивната земја, бидејќи се плашат за нивните животи, а рекле дека станува збор за политичко гонење. Токму поради овој исказ, по искуството од минатото со слични случаи, но и за да го забават процесот на екстрадиција, добро упатените во вакви случаи, тогаш коментираа дека не е исклучена можноста во следниот период да достават и барање за азил, нешто еден месец подоцна се потврди и во пракса. Во конкретниот случај со двајцата уапсени, во Грција се постапуваше по два различни и меѓусебно неповрзани процеси. Едниот за фалсификуваните пасоши за кои надлежен беше судот за прекршоци, другиот процес за кој првично одлучуваше Совет на судии беше по издадената потерница од Интерпол, кој започна откако од нашата земја беа доставени документите, заедно со барањето за екстрадиција. На првото рочиште за фалсификуваните пасоши на 20 октомври 2017 година, кое беше одложено поради тоа што не беше обезбеден преведувач, Грујевски и Бошковски се појавија со капчиња и качулки од јакните, во обид да ги скријат нивните лица од фотографите. Истиот проблем со преведувач беше причината да се одложи и второто рочиште, додека пак третото и последно за 2017 година не се одржа бидејќи беше отсутен еден од групата обвинети, бидејќи за фалсификуваните патни исправи грчкиот суд носи одлука за целата група која што беше уапсена на солунскиот аеродром, Грујевски, Бошковски и уште четири- пет мигранти. По неколку одложувања и поради рочиштата за екстрадицијата, судењето за фалсификуваните патни исправи се одржа во втората половина на 2018 година. Во меѓувреме, Грујевски и Бошковски од полицискиот одделот за трансфер на приведени и уапсени лица во Солун, беа пренесени во затворот „Диавата“ во близина на Солун. Судот во Солун одобри екстрадиција, Врховниот суд во Атина ја поништи Вториот процес, односно оној за екстрадицијата, започна откако во ноември 2017 година Министерството за правда на Северна Македонија до Грција ја испрати комплетна документација за екстрадиција, а на 29 ноември 2017 година беше закажано првото рочиште, но и одложено за две седмици поради отсуството на адвокатката, дел од тричлениот адвокатски тим за одбрана на Грујевски и Бошковски, но и поради некомплетниот превод на документите. Истиот ден со рочиштето за екстрадицијата, се остварија и предвидувањата, односно Горан Грујевски и Никола Бошковски доставија барање за политички азил во Грција. Со ова, се отвори и нов паралелен, дополнителен процес, трет процес. Новото рочиште за екстрадицијата се одржа на 13 декември 2017 година, зад затворени врати по барање на еден од адвокатите за заштита на лицата за кои се бара екстрадиција. -Нивната заштита е поважна од публицитетот - рекол, според грчката новинска агенција АНА-МПА, адвокатот Костас Хаѕијоану обраќајќи се до Советот и побарал рочиштето да се одржи зад затворени врати, а ова негово барање го поткрепил со тврдењето дека Грујевски и Бошковски во нивната земја се изложени на ризик од закани и прогон. Советот на судии го прифати барањето и конкретното, како и следните рочишта не беа јавни. Грчката новинска агенција тогаш објави дека во улога на прв сведок, бил сослушан адвокатот Петар Василев, кој рекол дека ако се одобри екстрадиција, ќе бидат во опасност животите на Грујевски и Бошковски, дека нема да имаат праведно судење, но и дека не извршиле ниедно дело за кое што се товарат. Поради истекот на предвиденото време рочиштето беше прекинато и продолжи една седмица подоцна. Во продолжението, на 20 декември 2017 година, сведочеше професорот Александар Даштевски, а обвинителот до советот на судии предложи да биде задоволено македонското барање и Грујевски и Бошковски да бидат екстрадирани, нешто што беше прифатено од судиите и потврдено 16 дена подоцна, иако требаше да се случи на 22 декември но, преводот, повторно беше проблем во судницата. Немаше кој да им ја соопшти одлуката на македонски јазик, а беше отфрлена е варијантата пресудата да ја слушнат на бугарски јазик. Па така, соопштувањето беше одложено за 5 јануари 2018 година, кога по четири рочишта, од кои две одложени и сослушани двајца сведоци, Горан Грујевски и Никола Бошковски ја слушнаа одлуката на Советот на судии во Солун, односно тие да бидат екстрадирани. Веднаш по објавувањето на пресудата, двајцата обвинети, поднесоа жалба против одлуката на судот, за случајот да го разглед Врховниот суд во Атина. Нивниот адвокат во Грција, Костас Хаѕијоану, за солунскиот портал „Вориа“ рече жалбата за Горан Грујевски е на 75, а за и Никола Бошковски на 65 страници и истакна дека советот на судии, не било изводливо за ден и пол, да ги видат сите аргументи и целата документација на 17.000 страници. Со поднесената жалба, процесот се префрли во Врховниот суд во Атина, каде што се одржаа пет рочишта во период од три месеци, сите во присуство на двајцата обвинети. Три дена пред првото рочиште што се одржа на 16 февруари 2018 година, ексначалникот на Петтата управа Горан Грујевски и неговиот соработник Никола Бошковски, од солунскиот, беа префрлени во атинскиот затвор. Нивните адвокатите побараа одложување, со образложение дека немале доволно време да го разгледаат предметот и поради непостоењето преведувач од грчки на македонски јазик и обратно. Судијката заклучи дека немале можност да се подготват, а двајцата адвокати рекоа дека сакаат рочиштето да се одржи на најдобар можен начин и се обврзаа дека за следниот пат ќе обезбедат преведувач, со што рочиштето шесттемина судии и обвинителот, надлежни за разгледување на жалбата во грчкиот Врховен суд, го слушнаа образложението на адвокатите и одлучија рочиштето да се одложи за две седмици. И Грујевски и Бошковски на прашањето на судијката дали се согласуваат со одложувањето одговорија потврдно. Одложено беше и второто рочиште, бидејќи еден од двајцата адвокати од грчкиот тим што ги брани двајцата поранешни разузнавачи, беше отсутен поради болест. И во овој случај судијката побара согласност од Грујевски и Бошковски кои одговорија потврдно. - Адвокатот е многу е важен за нас и за случајот бидејќи е со нас уште од почеток и го знае прашањето, рече Грујевски. Судијката го прифати и второто барање за одложување, истакнувајќи дека е и последно одложување. По барање на адвокатите, жалбата по одлуката на солунскиот суд за екстрадиција, во Врховниот суд во Атина на 9 март 2018 година се одржа зад затворени врати. Тимот од двајцата грчки адвокати побара од шесточлениот совет на судии и обвинителот рочиштето да не биде јавно, а по барањето на претседателката, тие образложија зошто сакаат судницата да биде испразнета и искористија неколку аргументи. Рекоа дека станува збор за политички прогон и се обвинети за политички криминал, нешто со што тие како одбрана не се согласуваат, објаснија дека во исказот што ќе го дадат има прашања кои што се доверливи, кои што не се за во јавност, со оглед на тоа дека рочиштата се јавни и никој не знае кој сѐ се наоѓа во судницата. Безбедноста на нивните клиенти беше уште еден од аргументите на адвокатите. Едниот адвокат, образложи дека исказите што ќе ги дадат се однесуваат на политички случај, со прислушувањата по кои имаше политички пресврт и промена на власта и посети дека и во Судот во Солун рочиштето беше зад затворени врати. Како дополнителен аргумент, еден од адвокатите посочи дека во судницата има и новинари, кои што сакаат да објават што кажале Грујевски и Бошковски во исказот. За конкретниот случај не постоеше никаков интерес во грчките медиуми и единствен новинар во судницата, беше дописничката на МИА од Атина. Пред да биде донесена конечната одлука дали ќе се прифати или не сослушувањето да биде зад затворени врати, претседателката побара и доби согласност од Грујевски и Бошковски, по што судницата беше испразнета, а останаа само обвинетите, полициското обезбедување, преведувачот и двајцата адвокати. Ваквите рочишта по правило се јавни, а само во одредени случаи се прават исклучоци и се одржуваат зад затворени врати. Поради правни прашања, рочиштето беше прекинато и продолжи на 27 април 2018 година, исто така зад затворени врати, каде што еден час траеше сослушувањето и беше закажан нов термин за соопштување на одлуката. Амнестијата од тогашниот претседател Ѓорге Иванов беше причината Врховниот суд на Грција, на 18 мај 2018 година да го отфрли македонското барање за екстрадиција на Грујевски и Бошковски. - Помилувањето ги покрива делата, рече претседателката на шесточлениот совет на судии во соопштувањето на одлуката, по поднесената жалба за одлуката на судот во Солун кој даде зелено светло за екстрадиција. Адвокат, Петар Василев, само неколку минути по соопштувањето на одлуката, во разговор со дописничката на МИА од Атина рече дека одлуката е објективна и заснована на законот. - Врховниот суд на Република Грција одлучи да не ги екстрадира, наводно обвинети, Горан Грујевски и Никола Бошковски, бидејќи смета дека амнестијата, односно помилувањето кое го има дадено претседателот за случаите кои што се поведени против нив има правна сила, односно никогаш не може да престане правната сила по издавањето на амнестијата. Ова судот го темели врз основа на законот и врз основа на праксата и пресудите на Европскиот суд за човекови права, рече Василев за МИА. Додаде дека сите основи во делот на нивна кривична одговорност што се однесува на Република Грција престануваат и „тие се слободни граѓани во Грција да можат да ги остваруваат нивните граѓански слободи и права“. Случајот со Грујевски и Бошковски, не наиде на голем интерес кај медиумите во Грција. Нивното апсење и првите рочишта во Солун , беа проследени од дел од солунските медиуми, но кога судењето се префрли во Атина, немаше никаков интерес од грчките новинари, а единствен новинар во судницата беше дописничката на МИА од Атина, нешто што беше и еден од аргументите на адвокатите на Грујевски и Бошковски да побараат рочиштето да биде зад затворени врати. Сања Ристовска

Остани поврзан